Дескоска: Заврши времето на тефтерчиња и судии од тефтерчиња
Во врска со писмото од поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, во кое таа се жали за повреда на нејзините права во судењето за предмет на СЈО, новата министерка за правда Рената Дескоска изјави :
– Сакам да порачам не само на госпоѓата Јанкуловска, туку и на сите кои што имаат постапки пред судовите, дали во улога на обвинети или странки во други постапки, дека времето на тефтерчиња и судии од тефтерчиња заврши. Мојата заложба ќе биде судството да го направиме независно и немам намера да се мешам, ниту во диктирање на водење на постапки во судовите, ниту пак какви судски одлуки ќе носат судиите.
Секој граѓанин, посочи таа, без оглед во која улога бил или се наоѓа во моментот, треба да биде свесен дека судството е власт, која што е независна од извршната власт.
– Извршната власт нема право ниту да се меша, ниту да укажува како да се водат одредени судски постапки, а уште помалку какви да бидат судските одлуки во постапките, рече Дескоска.