Ротари Клуб Скопје – Центар донираше училишен автобус за децата со попреченост
Ротари Клубот Скопје – Центар како верен партнер на заедницата, направи уште една, значајна донација за децата со попреченост од ПОУ Иднина во Чаир, на кои им донираше нов училишен автобус, специјално прилагоден кон нивните потреби.
На денешното примопредавање и презентација на новиот автобус претставниците од Ротари Клубот се дружеа со дечињата од Иднина, за кои подготвија и посебна програма, а нивната радост и возбуда беше навистина видлива.
Во ПОУ Иднина учат деца со посебни потреби од голем дел (и околината) на Скопје, а кои овој автобус ќе ги зема од дома за на училиште и ќе ги враќа дома од училиште. Заменувањето на стариот автобус со новиот во донација на Ротари Клубот Скопје – Центар значително ќе им го олесни патувањето до и од училиште на овие дечиња, и ќе им овозможи поквалитетно искуство во извршувањето на нивните секојдневни обврски. Во новиот автобус ќе има клима уред и лифт за инвалидски колички кои што ги нема во стариот автобус. Исто така, не помалку важно за одржливоста и животната средина, новиот автобус е ЕУРО 6, за разлика од стариот кој нема ЕУРО стандард.
Инаку, Ротари е организација на волонтери, на повеќе од 1,2 милиони деловни лидери и лидери во другите професии кои се обединети во светот, со цел да изведуваат и подржуваат филантропија, како и да помогнат во градењето на добра воља, разбирање меѓу луѓето и обезбедување на мирот во светот. Организирани во повеќе од 32 000 клубови во повеќе од 200 земји и географски области, Ротаријанците изведуваат проекти за да одговорат на денешните предизвици на современото живеење како што се неписменоста, болестите, гладот, сиромаштијата, недостатокот на чиста вода, негрижата за здрава околина и многу други, чие елиминирање станува суштински предуслов за хуманиот развој и за оддржувањеот на мирот во светот.