Мицковски: Договор кој подразбира уставни промени е капитулација
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го откажа патувањето и закажаните средби за утре и побара од премиерот Зоран Заев веднаш да му го достави договорот со Грција за решавање на спорот за името.
– Ако постигнатиот таканаречен договор на Зоран Заев е прифаќање на промена на Уставот, и внатрешна и надворешна употреба на новото име, тогаш тоа е договор на Зоран Заев за капитулација, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата.
Според него, премиерот Заев покажал нестабилност, недостоинственост и континуирана променливост на личните ставови.
– Најпрво беше против промена на Уставот, потоа прифати географска одредница за подоцна да ја убедува македонската јавност дека со промена на Уставот и решението Илинденска Македонија го потврдува идентитетот, рече Мицкоски.
Нагласи и дека е битно да се разграничи која институција е надлежна и има ингеренции да склучува меѓународни договори, владата или претседателот на државата.
Според него, овој меѓународен договор во себе предвидува промена на Устав, а секој оној договор, закон кој што го тангира Уставот односно предвидува интервенции во него, како што рече, не може да се носи со просто мнозинство.
Христијан Мицкоски истакна дека ќе гласа против ваков договор за името. Според него, неприфаќањето на договорот од страна на опозицијата не значи влегување во нова политичка криза.
Мицкоски ,одговарајќи на новинарско прашање , рече дека ВМРО-ДПМНЕ прифаќа да оди на предвремени избори кога ќе ги добие условите што СДСМ ги имала за изборите во 2016 година.