Народна банка помогна да се притворат четворица банкари

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во координација со ОЈО Велес и во соработка со Народна Банка на Република Македонија, реализираше случај на “фалсификување пари“ во кој што осум лица се осомничени за сторено кривично дело “фалсификување на пари“, сторено со пуштање во оптек, преку купопродажба на фалсификувани банкноти (американски долари), во експозитура на банка во Кавадарци, во вкупен износ од 34.800 американски долари, стекнувајќи се така со противправна имотна корист од 1.727.545 денари, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција. Четири лица се осомничени за сторено кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување“.

„Во врска со ова кривично дело МВР до ОЈО Велес поднесе кривична пријава против лицата: З.К., Г.К., Н.К., Б.Ј., Т.К., В.К., Р.М. и Т.С сите од Кавадарци поради основи за сомнение за сторено кривично дело “фалсификување пари“ по член 268 од КЗ на РМ. Исто така, кривично пријавени се и лицата М.Е., Е.П., С.И. и Р.М, сите од Кавадарци, вработени во експозитурата на банката, а поради основи за сомнение дека сториле кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување“ предвидено и казниво по член 353 од КЗ на Република Македонија“, рече Ангеловски.

Имено, според документираните сознанија од истрагата, кривично-пријавените З.К., Г.К., Н.К., Б.Ј., Т.К., В.К., Р.М. и Т.С, набавиле банкноти (долари), за кои знаеле дека се фалсификувани, и истите во неколку наврати, во периодот од 17.04. до 03.05. годинава, преку менувачко работење, односно преку продажба на девизи во кавадаречката експозитура на една банка пуштиле во оптек вкупно 696 фалсификувани долари во апоени од по 50 американски долари, во вкупен износ од 34.800 УСД, и на тој начин се стекнале со противправна имотна корист во вредност од 1.727.545 денари.

Во извршеното кривично дело директно биле инволвирани и лица вработени во банката. Така, банкарските службенички М.Е. и Е.П., знаејќи дека постапуваат противзаконски и надвор од процедурите за банкарско работење, со неизвршување на својата службена должност, без да направат задолжителна проверка на веродостојноста на банкнотите, ги примиле 696-те фалсификувани банкноти во апоени од 50 УСД и ги замениле во денари на шалтерите во банката. Пријавените С.И. во својство на раководител во експозитурата, како и Р.М. во својство на заменик раководител, со неизвршување на својата службена должност, односно без да извршат задолжителен надзор и контрола на работата на банкарските службенички, знаејќи ја намерата на лицата кои ги пуштиле лажните пари во оптек, овозможиле фалсификувани банкноти (долари), да бидат проследени до трезорот на друга банка во Скопје.

Во текот на вчерашниот ден по наредба од Основен Суд Велес извршени се претреси во дом и други простории на вкупно 15 локации во Кавадарци и Лозово од кои девет во домовите на кривично пријавените лица и шест претреси во правни лица (фирми) сопственост на пријавените. При претресите беа пронајдени и привремено одземени вкупно: 1.239.010 денари, 3.700 евра, 384 американски долари, 420 англиски фунти, 50 швајцарски франци, 10 канадски долари. Исто така пронајдени и одземени се мобилни телефони, сим картички, како и документација поврзана со кривичното дело. Лицата се лишени од слобода, а со поднесената кривична пријава истите се спроведени пред надлежен Јавен Обвинител во ОЈО Велес и Основниот Суд Велес.

Translate »