ЕУ и додели условен датум за почеток на преговори на Македонија
Се отвора патот за старт на преговори со Европската унија во јуни 2019 доколку Македонија го одржи реформскиот напредок особено во делот на итните реформски приоритети, одлучи денеска Советот на министри на ЕУ по долгата дебата за проширување, на која се разгледуваа препораките за преговори за Македонија и Албанија.
Советот на министри очекува следната година Европската Комисија да издаде извештај во кој фокусот треба да биде ставен врз реформата на јавната администрација, борбата против корупцијата, судските реформи и реформата на разузнавачките служби. Во јуни 2019, доколку е задржан реформскиот момент во Македонија, многу брзо потоа ќе се свика првата меѓувладина конференција на која фактички ќе започнат преговорите, јави известувачот на МИА.
Во меѓувреме Европската Комисија изрази желба да започне со подготовките за преговори, нешто што Советот на ЕУ го прифаќа.
Еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека „од утре“ Комисијата ќе започне со процесот на скрининг во областа на владеењето на правото. Скринингот е технички процес во кој се оценува капацитетот на државата кандидат за отворање на одредено поглавје. Поглавјето за владеењето на правото мора прво да се отвори и последно да се затвори за да се обезбеди дека реформите во оваа област се трајни и одржливи.
Франција и Холандија одбиваа секаков датум за преговори за Македонија, бидејќи сметаат дека реформскиот напредок е премногу свеж и сѐ уште не дал трајни резултати.
По напорни дискусии со другите земји членки пронајден е компромис сепак да биде внесен датум, но под гореспоменатите услови.
Слично условување доби и Албанија, која исто така би можела да ги започне преговорите пред крајот на 2019.
Извор: МИА