Буџетот оштетен за милионски суми со серијата “Македонија”
Објавеното видeо на социјалните мрежи пред неколку дена, требаше да биде најава за играната серија „Македонија“Првата епизода требала да се емитува на 14 септември. Од самата најава не е јасно за тоа каква е содржина на оваа серија, но она што се знае е дека таа чини 4,6 милиони евра или дека добила буџет кој досега не е одобрен за ниту едно филмско остварување во Македонија.
Освен оваа видео најава, никој во државата, а пред се Агенцијата за филм на Република Македонија нема информација за тоа што е направено со овие средства и дали воопшто е снимена некоја од 80 предвидени епизоди на оваа играна серија во продукција на скопската подружница на хрватската продукциска куќа „Јадран филм“ . Согласно договорот склучен на 10.02.2016 Агенцијата за филм на продукцијата Јадран филм и исплатила 1, 1 милион евра за реализација на првата сезона од оваа играна серија.
„Ова е специфичен случај во историјата на македонската кинематографија, бидејќи според финансиската конструкција станува збор за најголем буџет кој не бил одобрен за ниту една друга продукција. Сите рокови се поминати и нема никакво известување и информации за тоа што е направено според договорoт тежок 4,6 милиони евра“ изјави директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија.
Вратите на овој спорен договор се отвораат на 31.07.2015 година кога на сила стапуваат измените во Законот за филмска дејност кои предвидуваат финансирање на „други аудио визуелни дела -играна серија“ . Четири месеци по овие измени во законот, Агенцијата за филм распишува конкурс на 25.11.2015. Во постапката на креирањето на конкурсот не учествувал Филмскиот совет на Агенцијата за филм, како што е предвидено со член 22 од Законот за филмска дејност.
Осум дена по објавата на овој конкурс хрватската продукциска куќа Јадран филм ја отвора својата скопска подружница на 3.12.2015 со влог од 5.000 евра. На конкурсот токму на оваа продукција и се одобруваат средства во висина од 4,6 милиони евра иако во поднесената документација не е приложен ниту синопсис, иако согласно процедурите потребно е да се достави образложено сценарио за сите епизоди предвидени со овој серијал.
Играната серија според првичниот договор во висина од 4,6 милиони евра требала да содржи 130 епизоди. Подоцна, со анекс на договорот, бројката на епизоди е намалена од 130 на 80, но при тоа не е направена измена на сумата која треба да и се исплати на продукцијата.
Според проценките со овој договор на буџетот на Република Македонија му е нанесена штета од 2 милиони евра. За сите детали од овој договор Агенцијата за филм испратила информации до Јавното обвинителство, како и до финансиската полиција од каде што известија дека истрагата е во тек.
За се спречат понатамошни штети по буџетот Агенцијата за филм го раскина овој договор со продукцијата Јадран филм. Правиот застапник на оваа агенција со кој контактираше НОВА извести дека се снимени 12 епизоди од серијалот и дека снимањето ќе продолжи. Дополнително правиот застапник извести дека продукцијата ќе ги презентира своите видувања новонастанатата ситуација.
Според информациите со кои располага НОВА станува збор за играна серија со „патриотска“ содржина во која се афирмираат тезите кои често беа артикулирани од невладини организации како ГДОМ (Граѓанско движење за одбрана на Македонија) и СОС ( Стоп операција Сорос) . Како автори на сценарија за оваа играна серија биле предвидени токму членови на овие невладини организации како Виолета Ачковска и Никола Србов.
Novatv.mk