Сеад Кочан не се чувствува виновен
Не се чувстувам виновен, изјави бизнисменот Сеад Кочан на главната расправа од судењето за случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство, кое почна денеска во Кривичниот суд во Скопје.
Кочан, Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ, како и фирмите „Трансмет“, „Силекс Неметали“ и „Вато“, СЈО ги товари дека со невистинити и фалсификувани документи добиле тендер на „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) вреден 17 милиони евра.
Адвокатите на обвинетите побараа од судот одложување на рочиштето, бидејќи не им биле дадени сите докази на увид, но судијката Лидија Зимбовска го одби нивното барање и одлучи да почне главната расправа од судењето.
Обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски во воведните зборови истакна дека со доказите што ќе ги презентираат, ќе докажат дека обвинетите биле водени од убедувањето дека криминалот се исплати и дека трупањето пари и збогатувањето на штета на граѓаните е активност што поминува во Македонија. Тој рече оти ќе докажат дека со куп невистинити документи, во случајот биле погазени принципите на здравата конкуренција и дека биле изиграни правилата на јавните набавки.
– Пред лицето на правдата денеска стои криминално здружение кому единствен и главен сврзувачки елемент му е незаконскиот профит. Предметот го формиравме под името „Труст“, иако не се работи за здружување согласно на економската и финансиска моќ, туку за да алармираме дека станува збор за обединување кое е мотивирано заради црпење на незаконски профит и елиминирање на конкуренцијата – рече Бубевски и побара од судот обвинетите врз основа на доказите да бидат прогласени за виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар.
Meta.mk