Само двајца членови на владата немаат профили на социјалните мрежи

Дваесет и три од вкупно 26 министри во Владата на Република Македонија активно користат Фејсбук, што е зголемување за тројца кои се активни на оваа мрежа, покажуваат податоците од втората годишна Анализа направена во периодот од 23 до 28 јули 2018 година.

Анализата и оваа година покажува дека поголемиот број на членовите на владиниот кабинет и нивните тимови секојдневно објавуваат содржини за своите активности на Фејсбук и имаат отворени профили или страни на кои можат граѓаните да им пишат јавно или, пак, во приватна порака. Повеќе од половината од министрите имаат истовремено свој профил, но и страна на овој социјален медиум.

Зголемување е забележано кај Твитер кој годинава го користат 14 членови на Владата, а исто толку се присутни и на Инстаграм. Според анализата, лани Твитер користеле осум министри, додека вкупно 10 биле активни и на Инстаграм.

Премиерот Заев и 10 други министри се активни и имаат свои профили/страни истовремено на Фејсбук, Твитер и Инстаграм, што е за четири повеќе од минатата година. Само двајца членови на Владата, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот Роберт Поповски, воопшто немаат свои профили/страни на овие социјални медиуми, наспроти лани кога шест министри не биле активни на ниту еден социјален медиум.

Меѓу заклучоците на анализата е дека со цел вклучување на сите целни групи и целокупната јавност во комуникациската стратегија на Владата, потребно е сите министри да имаат свои активни страни/канали на социјалните медиуми. Се поздравува и податокот дека е прифатена сугестијата од минатогодишната анализа и на веб страната на Владата на видливо место е поставен дел со контакти од страните или каналите на социјалните медиуми на членовите на владиниот кабинет. Препораката е динамиката на објави да биде секојдневна и тоа со најмалку 2-3 објави дневно на сите социјални медиуми.

 

Translate »