Јанушев: Власта се одлучи за референдум без да го послуша размислувањето на 455 000 граѓани
Бледите и стерилни прес-конференции на Заев не може да ја покријат трагедијата што и се случува на Република Македонија изминатите 14-тина месеци.
Трагедијата кулминира со вчерашното самоволие на парламентарното мнозинство, кое одлучи да распише референдум без консултации со опозицијата во однос на најважното прашање од кое што зависи македонскиот идентитет, историја, традиција и култура. Власта одлучи да распише референдум за договорот со Грција без да го послуша размислувањето на 455.000 граѓани на Република Македонија кои се претставени од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“.
Заев одлучи на сила да турка прашање кое е бесмислено и повеќезначно, само за да ја покрие капитулацијата во преговорите со Грција и прифаќањето на капитулантски договор со кој се исполнуваат грчките црвени линии и се прават отстапки какви што нема направено ниту еден политичар во историјата на Република Македонија.
Доколку имаше трошка вистина во тоа што го говори и доколку беше убеден дека договорот со Грција го штити македонскиот идентитет, името, јазикот, историјата, националноста, традицијата и културата, Заев немаше да се обиде да ги манипулира граѓаните со непрецизно и двосмислено прашање кое што е спротивно на Законот за референдум и Уставот на Република Македонија. Доколку Заев беше убеден дека постигнал добар договор со Грција, тогаш само договорот ќе беше ставен во референдумското прашање и народот ќе го кажеше своето мислење за него.
Почитувани,
Вистината е сосема спротивна. Договорот со Грција е капитулантски и штетен! Затоа Заев мора да го покрива со манипулации и да игра на картата на стремежот на граѓаните, а тоа е Република Македонија да биде дел од Европската Унија и НАТО.
Заев наликува на човек губитник кој сега се фаќа за последната сламка за да се спаси себе и кликата која ја насобра околу него.
Граѓаните не сакаат и нема да дозволат олицетворение на вредностите кои ги претставуваат ЕУ и НАТО во земјава да бидат Заев, Вице, Кочо Анѓушев или Радмила Шекеринска.
Тие може да бидат само ликови во некој крими роман во кој што брутално се ограбува народот и државата.
Граѓаните ќе му кажат НЕ на Заев, зошто се против некој да си дели 10,5 милиони евра, народни пари, на фирми на своите советници и соработници.
Граѓаните ќе му кажат НЕ на Заев, зошто се против обидот без срам да се украдат 35 милиони евра од здравството, пари на народот и да се доделат на фирми формирани пред само неколку месеци.
Почитувани,
Срамно е поистоветувањето на историскиот референдум од 1991 година со приватниот референдум што Заев си го распишува сега. Тогаш сите политички партии постигнаа консензус за референдумот, а граѓаните одлучуваа за независна Република Македонија. Сега ниту има консензус, а се бара граѓаните да гласаат за бришење на Република Македонија, на нејзината традиција, историја и култура.
Референдумот од 1991 година со декларацијата за независност стана обврзувачки, каков што Заев ветуваше дека ќе биде и овој референдум, но на крај го погази зборот по кој знае кој пат и исплашен од волјата на граѓаните одлучи истиот да биде консултативен.
Заев, доста ги манипулирате и лажете граѓаните. Доколку референдумот не успее тие очекуваат да си заминете од политиката, онака како што ветивте, а не да си смислувате автентични толкувања и одговорноста за реализација на капитулантскиот договор да ја префрлате на институциите.
Зоран Заев, вие сте единствени тие што ја попречуваат подобрата иднина на нашите граѓани. Вашето владеење е синоним за корупција, криминал, неспособност и брутална партизација на институциите и на судството. Што побргу си заминете, толку подобро и за државата и за граѓаните.
Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ