Георгиевски: Што ќе се случи ако пропадне референдумот и еве ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, некој нив ќе им даде подобар договор од овој што сега го имаме
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во изјава за Радио Слободна Европа вели дека однесувањето на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои вчера масовно во број од дваесетина напишаа на Фејсбук дека нема да гласаат за уставни измени дури и референдумот да биде успешен, е многу полошо, отколку „неутралниот“ став на партијата пред изјаснувањето на 30 септември.
За поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ не е проблем тоа што опозициската партија ги повика граѓаните да гласаат по сопствено убедување, туку проблем е што во настапите на нејзини високи функционери има политика на бојкот на референдумот.
„Тука веќе настапува проблемот, затоа што тоа и не е баш создавање на слободна волја. Иако на крајот на краиштата сметам дека ВМРО-ДПМНЕ прави една погрешна политика. Што ќе се случи ако пропадне референдумот и еве ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, некој нив ќе им даде подобар договор од овој што сега го имаме. Мислам тоа е илузорна приказна, тоа е нешто што не постои во меѓународната политика. Значи ќе мора или истиот тој договор баш од меѓународен инат да ги принудат да го потпишат и да го спроведуваат или повторно ќе останеме без никаков договор во наредните три, четири децении и ќе објаснуваме колку големи патриоти сме биле“, вели Георгиевски.