Магионичарот Кристијан-преку магионичарски претстави едуцирам за екологија

Магионичарот Кристијан, екологист, илузионист и голем хуманист -Сакам да садам дрвја, стаклото го фрлам во зелениот контејнер, хартијата во синиот, а пластиката и лименките во жолтиот

Да се биде опкружен со толку детски искрени лица што неизмерно ѝ се радуваат на илузијата што ја прикажуваш е прекрасно. Плус кога знаеш дека пренесуваш екопорака, која треба да ги мотивира децата да селектираат отпад и со тоа да создадат почист свет, задоволството е уште поголемо

 

Во февруари мината година почна проектот наречен „Хокус покус, рециклирањето е во фокус“, кој „Пакомак“, заедно со магионичарот Кристијан, го намени за децата од предучилишна и од училишна возраст. Во овој проект, преку забавна магионичарска претстава и интересни трикови, децата учат за важноста на селектирањето и за одржувањето чиста животна средина.

 

Кој е Кристијан Шопов и колку долго се занимава со оваа професија?

Кристијан Шопов е дипломиран економист на одделот за маркетинг, кој воедно 14 години е магионичар или, поточно кажано, илузионист. Спојот на илузионизмот, претприемаштвото, екологијата го наоѓам во социјалното претприемаштво. Преку поседување сопствен бизнис произведувам и продавам сопствени магионичарски претстави преку кои ја едуцирам публиката за екологија и работно ангажирам лица од маргинализирани групи за организација на претставите.

Компанијата што ја основав и преку која го реализирам овој проект се вика „Грин меџик продакшн“ (Green Magic Production) и функционира како социјално претпријатие. Тоа значи дека работно ангажира лица од ранливи категории граѓани, помага на лица од маргинализирани групи. Организацијата на претставите ја изведува девојка од Куманово Ивана К., која по пат на е-пошта и телефон ги договара сите настапи. Ивана се соочува со животен предизвик физички хендикеп, но и покрај тоа успешно и професионално ги извршува сите работни задачи. Графичкиот дизајнер што го ангажирам е лице со оштетен слух.

Секогаш се трудам кога е можно да ангажирам лица од ранливи категории граѓани кога треба да се изврши некоја работа.

Дали во Македонија има интерес кај децата, па и возрасните за овој тип забави?

Секако дека има. Невозможното и мистериозното зачинето со хумор секогаш го буди интересот кај публиката. Нема човек што не сака да се насмее и да види нешто интересно, необјасниво. Токму тоа го нуди илузијата. Досега илузионизмот (магионичарството) не беше толку популарна уметност, но со текот на времето ќе го смениме тоа.

Какви се искуствата во рамките на проектот соПакомак и од каде произлезе соработката со оваа компанија?

Искуствата од проектот се волшебни. Минатата учебна година претставата ја видоа околу 14.000 деца во Скопје. Замислете си да предизвикате смеа, радост кај 14.000 деца и да ги научите за селекција на отпадот, тоа е, навистина, чудесно. Чувството не може да се опише кога знаете дека преку едукативна забава давате придонес за подобра иднина за нашата планета.

Пред да настане соработката со „Пакомак“ бев избран во Македонија на национален натпревар „Филантропија за зелен бизнис“ финансиран од фондот на браќата Рокфелер, а организиран од страна на здружението на граѓани „Арно“. Идејата на проектот ми беше да направам магионичарски претстави на тема екологија со која ќе ги едуцирам децата и возрасните за важноста за зачувување на животната средина. Откога бев избран во Македонија идејата ја претставив на регионален натпревар. Меѓународното жири ја избра идејата и ми додели грант во износ од 10.000 долари  за нејзина реализација.

Потоа осмислив екопретстава за деца со која ќе ги инспирирам најмладите да го селектираат отпадот.

Идејата за претставата му ја презентирав на менаџментот на компанијата „Пакомак“ и беше прифатена.

Колку Кристијан е заинтересиран за екологија и кои еколошки навики ги следи?

Селектирам отпад. Стаклото го фрлам во зелениот контејнер, хартијата во синиот, а пластиката и лименките во жолтиот. Можеби на граѓаните тоа на прв поглед им изгледа компликувано, но, во суштина, е многу забавно и мотивирачки. Секој миг кога ќе фрлите вистински отпад во вистински контејнер чувствувате радост бидејќи знаете дека сте направиле нешто што ќе придонесе за поздрава околина за сите.

Желба ми е да садам дрвја. Тоа сѐ уште го немам направено, но сакам да го реализирам во блиска иднина.

Какво е чувството да се работи со најмалите и дали се заинтересирани за екологијата?

Да се биде опкружен со толку детски искрени лица, кои неизмерно ѝ се радуваат на илузијата што ја прикажуваш, е прекрасно. Плус кога знаеш дека пренесуваш екопорака што треба да ги мотивира децата да селектираат отпад и со тоа да создадат почист свет, задоволството е уште поголемо.

Децата се заинтересирани и како сунѓерчиња ги впиваат информациите. По настап, ако некое дете пиело сокче во пластично шише, доаѓа и пластичното шише го става во жолтата канта, која ни е дел од реквизитите за шоуто.

Направивме и анкета меѓу децата за да видиме какви се предзнаењата и какво е знаењето по претставата и по еден месец од претставата. Резултатите покажаа дека нашиот труд има резултат.

Translate »