Мицкоски побара формирање ново СЈО
Ново обвинителство по евентуалните предвремени избори за сузбивање на организираниот криминал и корупција и кое, меѓу другото, ќе ги доистражи прислушуваните материјали кои се во рацете на специјалното јавно обвинителство, е еден од новите предлози на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски до власта.
Мицкоски денеска предложи премиерот Заев јавно да се откаже од Договорот со Грција, потоа да се оди на избори, а после изборите да се фомира ново јавно обвинителство кое ќе го замени СЈО и ќе ги доистражи прислушаните разговори и, како што рече, сомнежите за криминал на оваа Влада.
„Власта лажно ме обвинува дека сум барал некаква општа амнестија и сака да ме девалвира мене лично и измислуваат дека намерно сме го кочеле политизираното СЈО. Влегов во политиката да му служам на народот и поради тоа да созадавам за народот, но и да се борам против криминалот. Ниту сум условувал, сите пратеници имаат должност да ја следат волјата на граѓаните. Втората опција е Заев веднаш да се откаже од Договорот, па потоа на избори. Притоа ВМРО-ДПМНЕ после изборите ќе поддржи ново обвинителство, веднаш по завршувањето на СЈО, овојпат јавен обвинител со консензус кој вистински ќе се бори против криминалот, но и да ги доспита прислушуваните материјали, како и криминалите на оваа влада. Еве шанса оваа Влада да докаже дека вистински е против криминалот“, рече Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ и натаму бара да се формира техничка влада најмалку 100 дена пред изборите според Пржинскиот договор, да се избере нов Јавен обвинител на предлог на опозицијата, како и да се формира посебна собраниска комисија која ќе ги испита и утврди одговорностите за злоупотребите направени при референдумското изјаснување за Договорот за името, рече денеска лидерот на опозицијата
Во врска со пресудата за поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и дали се точни шпекулациите дека некој од власта им нуди нешто на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во замена за амнестија на Груевски, Мицкоски не даде конкретен одговор.
„Самиот факт што во јавноста постои сомнеж дека некој од Владата тргува со правото и правдината, говори дека во оваа држава ниту има правда ниту има правдина, така што не би го коментирал сето она што во моментов се случува во РМ“, рече Мицкоски.
Прашан, што ако власта инсистира на избори по скратени рокови и дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на такви избори, Мицкоски рече дека тоа што власта сака брзи избори говори каква е желбата на оваа власт да остане и продолжи да го пљачка народот, кратко укажувајќи дека е неопходно формирање на пржинска влада.