Основачот на „Курир“, Ацо Мисаjловски, и директорот на МТВ, Марјан Цветковски, осомничени од СЈО

Со истрагата „Пропаганда“ на СЈО, опфатени се девет лица, и тоа: Никола Груевски, Кирил Божиновски, Ацо Мисајлоски, Емил Парнаџиски, Владислав Стајковиќ, Саше Стојановски, Елена Колишевска, Марјан Цветковски и Захарија Вулгаракис, кои се сомничат поради основано сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Предмет на истрагата на специјалното јавно обвинителство е влијанието врз јавното мислење и обезбедувањето контролиран проток на информации во средствата за јавно информирање на товар на буџетот на РМ, а во насока на поддршка на дејствувањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

 

Според СЈО, постои основано сомнение дека осомничените девет лица формирале злосторничко здружение на чие чело бил експремиерот Никола Груевски, кој, заедно со екссекретарот на Владата, Кирил Божиновски, и Ацо Мисајлоски, кој е основач на „Ем медиа ДООЕЛ“, издавач на порталот „Курир.мк“, создале група што имала за цел вршење а кривични дела против службената должност.

СЈО во обвинението вели дека дејствувањето на групата било во две насоки, и тоа: преку распределба на средства од државниот буџет и преку преземање локални телевизии и едно радио да се влијае на независноста на радиодифузерите при создавање на програмите и креирањето на уредувачката политика и да се влијае на содржината на програмата, така што во медиумскиот простор да доминираат идеите и активностите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, осомничениот Кирил Божиновски заедно со осомничениот Никола Груевски, спротивно на Законот за спречување корупција и Законот за радиодифузна дејност доделувале договори за набавка на услуги – купување термини за телевизиско и радиоемитување или, реемитување на спотови, за различни кампањи на Владата, повластувајќи радиодифузери кај кои можеле да влијааат на уредувачката политика и кои обезбедувале услуги за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, се додава во обвинението од СЈО.

За оваа цел во периодот од 2010 до 2015 година од буџетот на РМ биле исплатени 30 милиони евра, од кои најголем процент завршиле кај радиодифузерите коишто ја поддржувале политиката и активностите на ВМРО-ДПМНЕ. Воедно, дејствувајќи по планот на групата, осомничените Никола Груевски и Кирил Божиновски, помогнати од останатите осомничени лица припадници на групата, во насока на влијание на јавното мислење, спротивно на Законот за радиодифузија и Законот за спречување корупција, организирале преземање и работење на седум локални телевизиски станици и едно радио, со што прибавиле значителна имотна корист за овие радиодифузери во вкупен износ од околу 5.250.000 евра, е дел од обвининието наречено „Пропаганда“.

Имено, во предметот „Пропаганда“ осомничениот Никола Груевски донел одлука партијата ВМРО-ДПМНЕ да има учество во сопственоста и да ја организира и раководи уредувачката политика на седумте локални ТВ-станици и едно радио, иако вакво нешто е спротивно на законите. Осомничениот Кирил Божиновски, помогнат од другите осомничени припадници на групата, го спровел преземањето на телевизиските станици и радиото и ја организирал нивната работа. Целокупното дејствување било во насока да се прикрие кој реално ја има сопственоста и контролата на медиумите, а самото финансирање на медиумите било од буџетски средства преку доделување договори за услуги – купување термини за телевизиско и радиско емитување на спотови на Владата на РМ. Воедно за финансирање на овие медиуми биле искористени буџетски средства и на индиректен начин, така што правни лица кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи учествувале во финансисрање на овие медиуми, а ваквиот начин на финансирање бил овозможен токму од осомничените лица.

Translate »