Катица Јанева изјави за колку денови очекува Груевски да биде в затвор
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева во интеврју на Канал 5 вечерва изјави дека се надева дека поранешниот премиер Никола Груевски кој е правосилно осуден на затвор од 2 години, наскоро ќе го види зад решетки.
Јанева рече дека очекува до петок да ја добијат одлуката од Апелацискиот суд во Скопје, а потоа откако и Груевски ќе ја добие одлуката, ќе може да отиде во затвор.
„Тоа, според она што јас го имам како искуство би можело да биде за 20-тина дена. До петок очекуваме пресудата од Апелацискиот суд во Скопје да биде испратена во писмена форма и до СЈО, а по ова и Груевски да ја добие одлуката и да може да замине во затвор“- рече Јанева.
Груевски е осуден на затвор од 2 години за набавката на луксузниот мерцедес. Пресудата му ја изрече Основниот суд во Скопје, а пред неколку дена му беше потврдена и од Апелацискиот суд во Скопје. По одлуката на второстепениот суд пресудата е правосилна.
По пресудата Груевски рече дека ќе ги искористи сите правни лекови.