Продолжува судењето за предметот на СЈО „Насилство во Центар“, сведочи Саша Богдановиќ
Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за предметот на Специјалното јавно обвинителство „Насилство во Центар“, каде за поттикнување насилство обвинети се повеќе лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешната советничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова.
Судењето треба да продолжи со сослушување на сведокот Саша Богдановиќ, откако на минатото рочиште заврши сведочењето на поранешниот претседател на советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ.
Судот на минатото рочиште, по барање на обвинителството донесе решение за издвојување на постапката против обвинетиот Митко Пецов, кој поради болест не присуствуваше на рочиштето.
На претходните рочишта за овој предмет, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни. За седмообвинетиот Димче Крстев, и за осмообвинетиот Митко Пецов пак, се води одвоена постапка.
Обвинетите се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.