Во потрага по дрвја кои навистина го намалуваат загадувањето
Придобивките од дрвјата за урбаниот екосистем и квалитет на воздухот можат да се зголемат со систематско планирање на зелениот простор. Дизајнирањето на зелените простори во градовите треба да ја опфати и функцијата за чистење на воздухот.
Загадувањето на воздухот во нашата држава е актуелна тема веќе десетина години. Тоа е од причина што секојдневно живееме со многупати поголеми концентрации на загадување од дозволеното. Секако дека прво треба да се справиме со причинителите на загадувањето, но постои еден метод кој може индиректно да го намали загадувањето дури и до 50 проценти, а тоа е садењето дрвја. Особено внимание треба да се посвети на изборот на растителни видови кои се ефикасни отстранувачи на штетни гасови и честички, но воедно и отпорни на нив и тие да бидат засадени плански на локации со големо загадување (Beckett et al., 2001). Значи, сите дрвjа се добри, но некои дрвjа се подобри од другите, во стилот на една вистинска еколошка Животинска фарма!
Зелен урбанизам
Загадувањето на воздухот e сериозен проблем кој влијае на човековото здравје, квалитетот на урбаниот живот и одржливоста на урбаните екосистеми, особено во земјите во развој. Се проценува дека глобално половина од случаите на хронични респираторни заболувања се причинети од загадувањето на воздухот (UNEP, 2005).
Во програмата на Владата за намалување на загадувањето освен генерални одредби за потреба од зеленило, нема конкретен план за пошумување и урбано зеленило. Од друга страна пак, градот Скопје направи голем исчекор со проектот „Зелен катастар“, но не смее да се заборави дека загаденоста не е ограничена само на главниот град, туку е присутна во повеќе градови во државата. Притоа, правилното управување со зелениот простор треба да биде прв и основен дел на секој урбанистички план, насекаде во земјава. Треба, еднаш засекогаш, да го отстраниме сивилото и да станеме „зелена нација“. Од информациите достапни на јавноста, според мене, неколку клучни работи недостасуваат во проектот „Зелен катастар“.
Конкретно, во Скопје и Македонија се соочуваме со повеќе загадувачи. Да тргнеме од тие за кои се зборува најчесто – ПМ честичките. Логично е да претпоставиме дека сите растенија се добри во борбата против нив, но вистината е дека не се. Најнапред, дрвјата не дишат прашина! За да го разбереме тоа, мораме да се послужиме со малку технички јазик.
Честичките се отстрануваат од атмосферата и се наталожуваат на површината на земјата преку повеќе процеси. „Влажното наталожување“ како дожд, снег и магла ги собира честичките од повисоките слоеви на атмосферата и ги депонира на земјата. Но, бидејќи врнежите кратко траат, тоа не е доволно ефикасно.
„Сувото наталожување“ подразбира комбинирано отстранување на честичките од атмосферата со помош на гравитацијата, Брауновото движење, судирањето на честичките и директното пресретнување на честичките со објекти на нивниот пат. (Beckett et al., 2001) Турбулентните струења на воздухот се главни механизми кои резултираат со таложење на честичките на дрвјата наместо на ниската вегетација.
Кои видови дрвја се ефикасни?
За да го задржат правот да не се врати во атмосферата и тој да се пренесе во почвата преку дождовите, дрвјата треба да ги имаат следниве особини: густа крошна со повеќе од два листа на пупка, нерамна површина на лисјата со влакнеста структура, вертикално поставени лисја, цврсти гранки кои нема да се движат на ветер (Beckett et al., 2001). Освен тоа, би било пожелно лисјата да останат на дрвото и зимно време кога загаденоста е најголема. И најбитно од сѐ – да бидат отпорни на загадувањето! Тоа може да се види од табелата од студија (Chen et al., 2008) во која се истражува отпорноста на избрани видови дрвја на загадувањето (што не значи дека тие нужно се и ефикасни отстранувачи).
Бекет правел истражувања со неколку различни видови дрвја поставени во воздушни тунели преку кои пуштал честички. Открил дека видовите како црн бор (Pinus nigra var. maritima) и Лејландов чемпрес (Cupressocyparis leylandii) имаат значително висок коефициент на ефикасност на задржување и брзина на таложење на честичките. Иглолисните растенија се посочуваат како добри задржувачи на ПМ честички (Chen et al., 2008) и тие се зелени и зимно време кога е најпотребно. Но, имаат една клучна маана, потребно е често наводнување и не се доволно отпорни на скопските температури.
Други студии ги посочуваат дрвјата со голема површина на листот како уште подобри кои можат да отстрануваат 60 до 70 пати повеќе загадувачки материи годишно отколку тие со мала површина на листот (Nowak, 1994, цитирано од Chen et al., 2008). Во повеќето студии се сретнавме со овие видови како добри „борци“: каталпа (Catalpa speciosa), брест (Ulmus pumila), украсен бадем (Prunus triloba), дудинка (Broussonetia papyrifera)… За разлика од нив, дрвјата кои имаат мазни лисја се неефикасни. Во групата „Не фрлај, не загадувај“ каде што членовите го дискутираа ова прашање, како добар и достапен вид за оваа намена беше посочено брзорастечкото т.н. смарагдно дрво (Paulownia bellissima). За жал, нема студии кои би го потврдиле ова и тоа останува отворено прашање.
Освен видот на дрвјата битна е и густината на садење. Депонирањето на загадувачки материи и честички е поголемо во шумите отколку кај пократката вегетација (Fowler et al., 1989). Се разбира, во градовите не можеме да садиме шуми, но надлежните можат да се погрижат да има паркови. Всушност, докажано е дека најголемото отстранување (47.9 проценти) на загадувањето на воздухот го прават токму овие „рекреативни“ области. (Chen, 2017 цитирано во Chen et al., 2008)
Не е се во ПМ! Постојат и други загадувачи
Освен ПМ честичките, како главни загадувачи се истакнуваат сулфур диоксидот (SO2), азотните оксиди (NOx), јаглерод моноксидот (CO) и други. Урбаната вегетација може да се справи со нив преку еден многу подиректен и поедноставен процес – дишење. Гасовитите загадувачи се апсорбираат во растителните ткива преку стомите заедно со СО2 во процесот на фотосинтеза. (Bell, Treshow, 2002).
Ова е особено значајно кога се бориме против индустриското загадување и загадувањето од возилата. Соодветно лоцирани и ориентирани, густите дрвја може да послужат како тампон зони за изворите на загадување на воздухот. (Cabaraban, 2013)
Возилата претставуваат градски извор на гасовити загадувачи на воздухот (CO, NO2, SO2…) и различни штетни честички. Спроведувањето на соодветна транспортна политика со користење на автомобили кои помалку загадуваат и садење на пасивна вегетација покрај патиштата може да го намали загадувањето на воздухот предизвикано од моторните возила. (Sulistijorini, 2008)
Освен тоа, дрвјата имаат и позитивна улога во економијата! Урбаните дрвја може да придонесат за подобрување на квалитетот на локалниот воздух преку подобрување на микроклимата. Тие ја намалуваат локалната температура на воздухот во летните месеци а со тоа се намалува потребата од ладење и потрошувачка на електрична енергија. Следствено, се намалува испуштањето на загадувачи на воздухот од електраните (Benjamin et al., 1996). Но, треба многу да се внимава кога се поставуваат дрвја околу зградите тие да не го спречат природниот проток на воздухот кој е значаен фактор за намалување на загадувањето на воздухот (Nowak et. al, 1998). Посебно прашање вредно за разгледување во некој друг текст се и т.н. вертикалните шуми.
Заклучок и акција!
Придобивките од дрвјата за урбаниот екосистем и квалитет на воздухот можат да се зголемат со систематско планирање на зелениот простор. Ботаничките, просторните и структурните аспекти на зелената покривка во градовите треба да бидат дизајнирани да ја опфатат и функцијата за чистење на воздухот. Како добар извор на информации и инспирација за еден масовен проект за садење дрвја може да послужи проектот MillionTreesNYC во Њујорк каде што тимот (Morani, 2010) се соочил со слични проблеми за избор на вистинските локации и дрвја.
Студиите од сите страни на светот се многубројни и веќе достапни на интернет. Како добар извор за истражување е овој сајт. Се надеваме дека стручните лица од проектот „Зелен катастар“ ќе ги исчитаат, зашто тие најдобро ќе знаат да ги применат, а другите градови и институции може да се инспирираат. Затоа, не биди дрво, засади дрвја!
Бранко Прља
(Авторот дипломирал на факултетот за Арт и дизајн на Европскиот универзитет. Како писател има објавено повеќе од 15 дела, а пишува и под псевдонимот Берт Стајн. Основач е на групите „Дај, не фрлај“ и „Не фрлај, не загадувај“, преку кои работи на ширењето на свеста за рециклирањето, реупотребата и намалената употреба со цел зачувување на околината.)