Возачот испаднал од автобусот пред да се преврти, очевидци велат дека го нашле со повреди на патот
Со повреди и во крв возачот на автобусот излетал од автобусот пред тој да падне во ендекот на локалниот пат и да се преврти на покрив. Очевидци на местото на несреќата денес раскажаа дека возачот со автомобил го носеле во болница заедно со уште неколку повредени патници и дека тој лежел на локалниот пат откако со автобусот ги пробил заштитните огради и се превртел.
„Возачот на автобусот и уште неколку патници ги носев во болница. Тој губеше свест неколку пати, а го најдовме на локалниот пат. Најверојатно испаднал од автобусот кога тој се превртувал”, раскажа очевидец на трагедијата.
Според обвинителството, возачот на автобусот немал алкохол во крвта, а вештачењето на мобилниот телефон ќе покаже дали зборувал со некого во моментот на несреќата во која загинаа 14 лица. Според неофицијални информации, возачот не се сеќавал на настанот. Тој сега е на домашно лекување.
Денес завршија и обдукциите на починатите патници и увидот на местото, а истрагата ќе треба да покаже што навистина се случило и како дошло до трагедијата.