До последен здив!

Има неколку работи при промовирањето на Северна кои изведоа на чистина значаен дел од македонската политика. Овие драматични денови ќе ги одредат политичките постулати во наредниот период. Колумна за DWна Љупчо Поповски.

Parlament in Skopje Mazedonien Umbenennung zu Republik Nordmazedonien Zoran Zaev (Reuters/T. Georgiev)

Немаше ништо драматично невообичаено во политичката партија покер пред последното делење кога требаше да се смени македонскиот устав за да се оствари Преспанскиот договор. Во парламент во кој бројките се на острицата на бричот политиката прво се претвора во брутална побарувачка од сите страни да се оствари нешто што во основа изгледа невозможно, а потоа доаѓа умешноста тоа некако да се менаџира. Не треба да се има задоцнета памет за да се тврди дека на 19 октомври, кога беше отворен Уставот, работата беше завршена едвај една третина. Сите концесии дојдоа подоцна. Зоран Заев би бил многу наивен политичар ако верувал дека последниот круг ќе го трча со кренати раце без притисок на некој зад него. Сега изгледаше како да е во онаа ситуација на Жан Пол Белмондо во епскиот филм „До последниот здив“ – да изгледа како прогонет, кому му се лизгаат адутите од рака.

Но политиката е неверојатна работа – она што денес изгледа како свежо овошје, утре може да биде конзерва со поминат рок на траење. Тоа важи за сите – и за премиерот, и за лидерот на опозицијата, и за оние што испорачуваа тешки барања во последниот чин од драмата, и за оние кои гледаа отстрана во собраниската сала колнејќи се во патриотизмот. Има неколку работи при промовирањето на Северна кои, всушност, изведоа на чистина значаен дел од македонската политика, кога одредени актери се поставија на различни агли на сцената и ги одредија своите траектории. Во основа, овие драматични денови (како што прилега на една политичка драма – видете само што ѝ се случува на Тереза Меј во британскиот парламент) ќе ги одредат постулатите на македонската политика во наредниот период. Не само за претседателските избори, туку за идеолошките основи на повеќе партии.

Карактерот на Заев

Многумина ќе речат дека Зоран Заев во тешките моменти покажа карактер кој е невообичаен меѓу македонските политичари. Делумно тоа е така. Но во ситуација кога речиси сите му се обраќаа со само еден збор – „Дај“, во некои моменти се најде загубен пред неговата цел. Од многу барања ортомата што го водеше кон финишот се огули во танко јаже за кое не се знае дали ќе издржи. Барањата на Беса дојдоа како последни и на нив сите им се нафрлија како на непристојна уцена. Два гласа прават голема разлика – го прават мнозинството и навистина изгледаа како уцена. Но што беа другите претходни барања – на осумтемина пратеници, за контроверзниот закон за амнестија, на Алијансата за Албанците? Дали тие не беа уцена за да се обезбедат гласови?

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

 Тие ја имаа истата уценувачка природа. Проблемот со барањата на Беса не беше само што ја нарушуваа самата суштина на Преспанскиот договор и врз кои Заев и Владата ја темелеа целата приказна за зачувувањето на македонското државјанство, туку и што сигнаа последни, пред самиот финиш. Во таква ситуација Заев изгледаше дека е ставен пред поголеми маки од оние кога тој и Алексис Ципрас решија да го разврзат јазолот и да се соочат со последиците во нивните општества. Заев е ставен во ситуација да биде портретиран како човек кој прифаќа сѝ и не размислува многу за можните последици.

Дали од незнаење, дали од нетрпеливост, дали поради некакви тајни сојузништва, дали поради којзнае какви други интереси, Беса на Билал Касами додаде уште една нијанса на својата опскурност. Всушност, Билал Касами се претвори во некаква албанска парадигма на Јанко Бачев. Зијадин Села ги изведе многу поелегантно неговите барања и ги смести во графата на возможното. Касами, пак, некако дури и радосно се престрои во графата на радикалите, верувајќи дека во иднина гласачите ќе ги ценат неговите постапки. Во крајна линија, не е прашањето колку помина барањето на Беса, туку дали политичкиот карактер на Касами ќе се гради или забрзано ќе се разградува како недоверлив политички актер во замрсената македонска политика.

Она што се случува во опозицијата можеби е најинтересното во овој гамбит. Настаните од последниве неколку дена го покажаа нејзиното фрагментирање, и покрај тоа што изгледа гранитна, а последиците од десетгодишното авторитарно владеење сега почнуваат да го земаат данокот во нејзиниот врв. Оставете ги настрана процесите на СЈО, обвинувањата за тешките криминали, исклучувањата по брза постапка на неистомислениците, ветвиот вокабулар од илјадниците прес-конференции. Снежниот четврток ги откри трагите на радикализирањето на ВМРО-ДПМНЕ кон крајната десница и нејзиното трансформирање во популистичкото братство на Виктор Орбан, Матео Салвини и Јарослав Качињски. Снегот што паѓаше создаде определена визуелна магија додека Христијан Мицкоски зборуваше со најсилниот глас што го имаше. Но таа визуелна магија исчезна во евтиниот популизам на неговите пароли додека му подаваше рака на Јанко Бачев. Сценографијата овој пат беше подобро смислена и организирана од преходниот ден, кога беше исвиркан, па првиот круг околу него беше  обрач од партиски функционери. За ВМРО-ДПМНЕ не е проблем да собере илјади души кои ќе го слушаат говорот на Мицкоски на снегот, но овојпат тоа не беше поентата.

Mazedonien Parlament in Skopje (Picture alliance/dpa/epa/G. Licovski)

Политиката е неверојатна работа – она што денес изгледа како свежо овошје, утре може да биде конзерва со поминат рок на траење

Идеолошка какофонија

Поентата беше дека партијата чекор по чекор стигна на одредиштето отаде десницата. Тоа е вистинската драма што се случува во ВМРО-ДПМНЕ, таа идеолошка какофонија. Тој празен патриотизам е веројатно најдобро изразен низ следниве фрази на Мицкоски: „Да се биде Македонец најпрвин е света работа, а потоа проклетство и немир. Тој немир го чувствуваме и денес, но Македонецот веќе се крева над неправдите, веќе го пушта својот крик за своите права“. Над кои неправди „веќе се крева Македонецот“? Над оние од последнава година и пол или над оние 15 години, кога власт во Македонија беше ВМРО-ДПМНЕ? Делува конфузно, како и првите реченици од обраќањето: „А да не заборавиме како почна. Почна преку насилен избор за претседател на Собранието. Тие не победија на парламентарни избори, не формираа Влада, дадоа и гаранции дека нема да го менуваат карактерот на државата…“ Не што делува конфузно, туку така и е.

Но главниот проблем на Мицкоски и на партијата во овој момент не е што тој повторува еден те ист говор на сите обраќања последниве неколку месеци и во него ништо не соопштува освен што зборува за црнила, за предавство на Заев и продажба на македонските национални интереси. Тука нема ништо ново, освен едно копирање на она што го зборуваше неговиот претходник: „Удирајте што посилно по Христијан и по ВМРО-ДПМНЕ, само така ќе се спасите“. Главниот проблем за Мицкоски е што беше испратена депеша од Будимпешта за негова делигитимација од кралот во егзил – Никола Груевски. Во водството на партијата треба сериозно да се запрашаат какви сериозни штети им нанесуваат овие депеши од Будимпешта. Мицкоски особено. Не само што обраќањето на Груевски беше во својата суштина исто со она на Мицкоски неколку часа порано, туку што човекот од Будимпешта се претставува како лидер на партијата кој дава совети до пратениците, кој нагласува – „како што кажав во мојот статус во јуни“, како тоа да се пророчки зборови кои сите треба да ги памтиме, а оние во партијата треба да ги знаат наизуст, дека договорот со Грција бил „национално предавство“, па имало судски прогони на стотици политичари и нивни соработници и се урнале „темелните морални вредности во Македонија, со што како ‘нус ефект’ се создаде атмосфера иселувањето од Македонија да стане пет пати поголемо од претходното…“

Колкави штети на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ им нанесуваат депешите на Груевски од Будимпешта?

Во трустот мозоци во ВМРО-ДПМНЕ треба добро да размислат зошто во јавноста доби поголем одек оваа депеша на Груевски отколку говорот на снегот на Мицкоски. Зошто јавноста, а голем дел и од членството, го перцепираат Мицкоски како чувар на фотелјата на Груевски во собите полни со нападни слики и бесмислени теписи. И зошто тој не се обидува да собере неколку грама храброст да се дистанцира од владеењето на Груевски. Затоа што самоволниот третман на вазал му носи екстремно многу штета, а многу малку полза. Тоа е најголемиот проблем во овој момент за Христијан Мицкоски. Верниот аѓутант на Груевски долги години, Гордана Јанкулоска, ја направи таа дистанца во една неочекувана Фејсбук-порака мислејќи и на својата мака со судските процеси: „Кога си далеку од проблемите, на 800 км од Македонија лесно е на социјалните мрежи да кажуваш што е лесно а што не, при тоа амнестирајќи се од сите проблематични одлуки за кои секогаш е одговорен некој друг“.

Оваа порака на Јанкулоска го покажува процепот што се шири во партијата, а Мицкоски како да нема намера да го премости. Тој им се заканува со исклучување на сите оние што сакаа да гласаат за Преспанскиот договор, а дозволува кралот во егзил да дели лекции по морални вредности откако избега со помош на странски разузнавачки служби. Ова понижување на раководството на партијата со депешата од Будимпешта ги става во ужасна ситуација пратениците да се прашуваат кој е всушност нивниот лидер. Но тоа се веќе нивни проблеми, со нив треба да живеат или да ги решаваат.

Снегот навистина ги откри трагите на многумина во Македонија, а Преспанскиот договор ја преструктуира политичката сцена. Заев и СДСМ ќе излезат со многу лузни, но потоа ќе мора да се предадат на вистинската работа која досега беше оставена настрана. Тогаш, без големиот притисок и огромната енергија потрошена на договорот со Грција, ќе биде појасно дали партијата има идеја и знаење за добро владеење. Албанскиот блок ќе истрча на сцената да докажува кој во него има најголема заслуга, а ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да скокне од рингишпилот на конфузијата. Кога Груевски стана лидер прво се претстави како технократ кој знае да прави реформи, за потоа да се трансформира во националист. Мицкоски своеволно ја облече таа националистичка руба за да тргне на патот кон крајната десница. За некои тоа е неочекувана траекторија, но во основа тоа беше правецот кој беше зацртан пред повеќе од две децении, само што некогаш привремено беше стокмен во класичен конзервативизам. Ова не се мали промени, ова е своевиден нов почеток за актерите во македонската политика.

DW.COM

Translate »