Euronews: Невидлив убиец на улиците во Македонија (видео)
,,Загадувањето на воздухот се нарекува невидлив убиец, алармираат здравствените организации .
Европската агенција за животна средина објави извештај дека 500.000 смртни случаи годишно може да бидат поврзани со токсичниот воздух што го дишеме.
Според нивните наоди, тоа е главната причина за предвремена смрт во 41 од европските земји. Загадувањето, исто така, и според извештаи на Светската здравствена организација (СЗО) е причина за зголемување на бројот на смртни случаи и болести кај децата поврзани со слабиот квалитет на воздухот“-известува Еуроњуз.
И опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, реши да го искористи видеото на Еуроњуз и конечно да проговори, макар како опозиција, за загадувањето на воздухот.
,,Ветуваа чист воздух, а добивме држава со најзагаден воздух во Европа, луѓе кои го губат здравјето поради неспособноста на власта да испорачаат резултати.
Ноември 2017-та година Зоран Заев и неговите градоначалници ветуваа чист воздух, година потоа, ноември 2018-та година, епилогот е Скопје и неколку други града од државата на црните билтени во Европа по најзагаден воздух. Уште едно фијаско, уште еден срамен и болен неуспех на власта кој овој пат се плаќа со здравјето на граѓаните.
И ова не е некое несуштинско, неисполнето ветување поради кое ќе доживеете краткотрајно разочарување и неколкуминутна нервоза, нивната неспособност сега се плаќа со здравјето на граѓаните, со нивните животи. И не е само до тоа дека не посветуваат внимание, дека здравјето на граѓаните не им е приоритет, туку едноставно не ги бива.
И потребно е да ги засукаат ракавите, и наместо да бараат оправдување во наводно неисправни мерни станици за квалитетот на воздухот, да сработат суштински мерки и активности кои ќе доведат до почист воздух. Нека престанат со периферните и популистички мерки кои освен уште еден ден поминат низ медиумите во фалење, за граѓаните значи потрошен ден без резултати. Респираторните и канцерогени болести се единствената “добивка” од нивната неспособност. Нема време за чекање, овој пат неспособноста на Заев, Шилегов и останатата армадила политичари на власт граѓаните ги чини живот. Скопје наместо метропола препознатлива во Европа по настани и новости, станува град обвиен со црнила, смет и смог кој убива. Потребен е активизам и посветеност. Секој поминат ден да не дозволиме да значи загубено здравје, а луѓето од власта, Централна и Градска треба да бидат свесни дека ова оди на нивната нечиста совест“-вели Мицкоски, притоа, се разбира, заборавајќи дека тој и неговата партија ВМРО ДПМНЕ цели 11 години беа на власт и ништо не сторија за подиобрување на квалитетот на воздухот и здравјето на граѓаните, з ашто говорат параметрите од мерните станици во изминатите години и кои беа исто така на катастрофално високо ниво.
Ниту ВМРО, ниту СДСМ кога се на власт не преземаат ништо на овој план, а кога се во опозиција лесно критикуваат и го вперуваат прстот во политичкиот противник!