ЖИВО-продолжуваат немирите во Франција! Полицијата фрли солзавец врз демонстрантите, 320 се приведени
Полицијата денеска претпладне испука солзавци врз демонстрантите на Плоштадот Етоал во Париз, пренесуваат француските медиуми.
Портпаролката на полицијата соопшти дека на Елисејските полиња се наоѓаат околу 1.500 демонстранти, пренесува „Ројтерс“.
Околу 8.000 полицајци се распоредени во Париз за да спречат повторување на насилствата и нередите кои ги следеа протестите од минатата сабота.
„Жолтите елеци“ денеска се собираат во многу француски градови, а блокираа и некои од автопатите во земјата спроведувајќи ја акцијата “бесплатни патарини“.
Повеќето се собираат мирно, во помали групи.
„Жолтите елеци“ дефилираат мирно во Марсеј, а протести попладнево се предвидуваат и во Лил и Тулуз.
Од изутринава во Париз, каде почнаа протестите на “жолтите елеци“, уапсени се 320 лица под сомнение дека планирале насилство над луѓе или уништување на објекти, соопшти управата на париската полиција.
Превентивните апсења се извршени во текот на контролата на личните документи и проверката на демонстрантите на главните пунктови на кои изутринава се собраа, пред се кај Елисејските полиња и Плоштадот Бастилја.
Полицајците проверуваат дали демонстрантите имаат било каква опрема за нереди како заштитни очила, шлемови, спрејови….