Кирија за стан во центарот на Скопје, колку за три стана во Струга
Огромни разлики во висината на месечните закупнини на станови има во Скопје и во Македонија воопшто, кои во зависност од општината во просек варираат од 87 денари до 306 денари за еден станбен квадрат, покажуваат податоците од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности за периодот јули-септември, годинава.
Пресметката покажува дека за стан од 60 квадрати просечната закупнина убедливо е највисока во скопската општина Центар каде изнесува 298 евра, што е за три пати повеќе од закупнината за ист стан во Струга која во просек изнесува само 84 евра. Во врвот на листата на општини по износот на просечна месечна закупнина за стан од 60 квадрати освен Центар се и Охрид (252 евра), Карпош (250 евра) и Куманово (240 евра).
Во периодот јули-септември, годинава во Регистарот на цени и закупнини биле запишани 1.903 закупи. Најголем број од овие закупи припаѓаат на станови и тоа 45 отсто, односно 862 трансакции, деловни простории со 38 отсто, односно 727 трансакции и земјоделско земјиште со 12 отсто од пазарот на закупи на недвижностите, односно 221 трансакции на ваков тип недвижност.
„Доколку се направи компарација на овој квартал со вториот квартал од 2018 година каде што биле регистрирани 1.949 закупи, ќе се забележи дека во овој квартал имаме намалување на бројот на закупи за 46 трансакции. Доколку се разгледаат закупите по временска рамка, може да се заклучи дека најголем број закупи се регистрирани во септември, односно 671, додека најмал број закупи се регистрирани во август само 562, додека во јули се регистрирани 670 закупи“, се вели во извештајот.
Во овој период се закупени недвижности со површина од 1.634.989 квадратни метри со вкупна месечна закупнина од 36.409.795 денари. Само во општините Вевчани, Врапчиште, Маврово и Ростуше, нема регистрирано ниеден договор за закуп на недвижности. Исто така има 12 општини каде што има регистрирано само по 1 закуп. Најголем број закупи се регистрирани во општина Центар (271), во општина Карпош (155), општина Аеродром (150) и општина Кисела Вода (104) регистрирани закупи.