Идентификувани двајца од трите жртви во превртениот автобус – маж од Крушево и жена од Кочани
Како што информираат од МВР на двете лица идентитетот им бил утврден од личните документи.
Шеесет и осумгодишен маж од крушевското село Бучин со иницијали В.Ш. и 68-годишна жена од Кочани со иницијали К.К. се двете идентификувани жртви од македонскиот автобус кој синоќа се преврте кај Лесковац.
Министерството преку амбасадата во Белград е во постојан контакт со надлежните служби во Србија. Од таму претходно информираа дека во сообраќајката е загината уште една жена, но нејзиниот идентитет засега не е утврден.
Потврдено е и дека чтворица патници со тешки телесни повреди се наоѓаат во животна опасност и се префрлени во Клиничкиот центар во Ниш.
Од министерството соопштија дека во несреќата се повредени вкупно 32 патници од кои 28 се вон животна опасност и истите се згрижени во општата болница во Лесковац.
На повредените и патниците од автобусот, кои ќе имаат потреба од преноќување, српските власти ќе им обезбедат сместување.
МНР соопшти и дека превртениот автобус кај Лесковац е на превозник од Струга, со регистарски таблици – Euroturs SU 3325 AC.