Унгарски опозициски пратеници насилно исфрлени од државната телевизија МТВА во Будимпешта

Унгарски опозициски пратеници беа насилно исфрлени од седиштето на државната телевизија МТВА во Будимпешта откако не им беше прифатено барањето да прочитаат петиција со пет барања во живо.

Група од 10-мина опозициски пратеници вчера влезе во просториите на националната телевизија, инсистирајќи да ги прочитаат барањата, кои вклучуваат укинување на новиот закон за работни односи, наречен „закон за робови“ од критичарите.

Како што се гледа на видеото објавено на Фејсбук страницата на пратеничката Бернадет Сел, таа и колегата Акош Хадази се исфрлени од МТВА од страна на обезбедувањето.

Претходно во неделата, неколку илјади демонстранти се собраа пред седиштето на МТВА, скандирајќи антивладини слогани. Откако на делегација од опозициски пратеници им беше дозволено да влезат во зградата, полицијата употреби солзавец да ги растера демонстрантите.

Владата на премиерот Виктор Орбан за протестите вели дека се финансирани од Џорџ Сорос и тврди дека исфрлените пратеници насилно го нападнале персоналот во телевизијата.

Translate »