Општина Тетово го сруши етно бачилото на Попова Шапка
Градежната инспекција од Општина Тетово го сруши етно бачилото во месноста Јелак на Шар Планина кое летово беше изградено од страна на фирмата „Трежр маунтајн проџект“. Со механизација од два багери, работници и со асистенција на десетина полицајци од кои некои беа вооружени и со автоматско оружје, беа срушени едно покриено трло и бачилото кое беше карарактеристично по тоа што имаше покрив од слама изградено во автентичен стил. Од засега непознати причини остана несрушена една колиба изградена во дрво која е во состав на комплексот.
„Постапуваме по извршно решение за рушење бидејќи инвеститорот не обезбедил документи за градба на спометатите објекти. Решението за рушење беше истакнато на веб страната на Општина Тетово и објавено во два дневни весници. Во него се бараше „инвеститорот да сам да ги затрупа ископаните темели“ бидејќи не поседува одобрение за градба. Сопственикот и покрај ова решение не го сруши објектот, по што инспекцијата издаде налог за рушење кое беше денес спроведено“ соопштија од службата за контакти со јавноста на Општина Тетово.
Во бачилото во моментот на рушењето имаше четириесетина овци и еден коњ кои мораа да бидат извадени од објектот и беа оставени на отворено во снегот.
„Крајно сме револтирани од однесувањето на поединци од Општина Тетово кои постапиле незаконски. Ние сме ги затрупале споменатите темели, значи сме постапиле по решението а сега тие сега ни рушат објекти. Прашуваме, каде им е решението за рушење на објекти? Сето ова е направено надвор од законот“ реагираат инвеститорите од „Трежр маунтајн проџект“.
Во целата оваа работа со рушењето на бачилото интересно е што општинскиот инспекторат се соочува со стотици дивоградби како во Тетово така и на патот за Попова Шапка како и на самата Попова Шапка кои се тука со години и никој не ги руши. За да се руши бачилото тие мораа да поминат преку 27 километри од кои 8 километри низ по тесен планински пат завеан со снег.
преземено од Сакам да кажам