“Поплава” од огласи за вработување во државните институции!
Од почетокот на декември, годинава речиси и да нема ден во кој не е објавен оглас за вработување во државните институции и јавните претпријатија. Се вработуваат државни службеници преку огласи што ги објавува Агенцијата за администрација, но и различни профили работници и раководители во огласи кои ги објавуваат самите претпријатија и институции.
Меѓу другите, Агенцијата за администрација објави оглас за вработување на 15 државни службеници во Владата на Република Македонија – Генерален секретаријат. Се бараат кандидати за следните работни места: виш соработник за поддршка од областа на правото, помлад соработник за оперативна поддршка, советник за поддршка на генералниот секретар на Владата, помлад соработник за логистичка поддршка за имплементирање на препораките на Државниот завод за ревизија, виш соработник за организациона поддршка.
Агенцијата за администрација исто така објави оглас за вработување на 10 државни службеници во Министерството за труд и социјална политика. Во огласот се бараат заинтересирани за вработување како помлад соработник за буџетска анализа, советник за имплементација на демографски политики, помлад соработник за административно-техничка поддршка и обработка на податоци и документи за судски постапки и за одговори на жалби од работен однос, раководител на одделение за задолжително и доброволно капитално финансирано пензиско осигурување. Платите во зависност од работното место се движат од 20.900 до 28.303 денари.
Агенцијата за администрација објави и оглас за вработување на 14 раководители во Агенцијата за вработување. Се бараат кандидати за раководители во центрите за вработување во Свети Николе, Охрид, Крушево, Неготино, Македонски Брод и Струга… Платата за сите работни места изнесува 28.277 денари.
Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Македонски железници – Скопје овој месец распиша оглас за вработување на 18 лица.
Во огласот се бараат повеќе профили работници меѓу кои помлад инженер соработник за пруги, помлад градежен техничар, помлад ракувач на машина, помлад инженер соработник за енергетска ефикасност, помлад. инженер соработник за електротехнички постројки, помлад одржувач на сигнално сигурносни постројки…
Платите во зависност од работното место се од 18.158 денари до 23.746 денари.
Бранот вработувања доаѓа по најавата дека деполитизација на администрацијата ќе биде приоритет на Министерството за информатичка технологија и администрација.
„Наши императиви во следниот период ќе бидат деполитизација на администрацијата, реорганизација и оптимизација на институциите, зголемување на капацитетите за скрининг и за преговори и ефикасни и поевтини услуги за граѓаните“, рече неодамна ресорниот министер Дамјан Манчевски и додаде дека ниту еден од вработените нема да остане без работа, туку во случај на потреба ќе има доброволно распределување во приватниот сектор.