(Видео) Родителите на убиените деца кај Смилковци: Заев да ја каже вистината за „Монструм“
И по седум години, молк, тага и солзи на лицата на родителите и роднините кои ги загубија своите најблиски во свирепото убиство кај Смилковското Езеро. На местото каде што се убиени запалија свеќи и се помолија за мир и спокој на четирите момчиња од Радишани, кои на кобниот Велики четврток ловеле риба крај езерото. Родителите на децата не можеа да го скријат револтот бидејќи за случајот сè уште нема судска разрешница. Таткото на Александар, Горан Наќевски, му порача на премиерот Зоран Заев да се појави во судот, да не ја крие вистината, туку да ја каже, како што им ветувал пред изборите.
„Целата јавност знае дека ни ветуваше, велеше дека има докази во бомбите за нашите деца, споменуваше странски служби, сè и сешто. Сега кога дојде на власт заборави, оглуве и онеме. Ветуваше дека ќе ги каже петтемина функционери на ДУИ, му поверувавме. Нè излажа. Ние ќе бараме да се појави на суд и да каже што знае, ако не сака, ќе бараме и стражарно да биде приведен и да сведочи. Ако судот може да вика сведоци по допрен глас, зошто па тој да не дојде, кога самиот тврдеше дека ја има бомбата за Смилковско Езеро“, изјави Наќевски.