ИСТРАЖУВАЊЕ ВО ИСЛАНД СО ВАЖНИ ОТКРИТИЈА ЗА АНТИТЕЛАТА НА КОРОНАВИРУСОТ

Нивото на антитела на коронавирусот се зголемуваше по прележување на болеста, а потоа остана на истото ниво до четири месеци кај повеќе од 90 проценти од пациентите во Исланд излекувани од Ковида 19, покажа студијата објавена во престижното списание The New England Journal of Medicine.

Во претходните истражувања, нивото на антитела на коронавирусот значително опадна по неколку месеци од излекувањето од Ковид 19, што покрена прашања во врска со времетраењето на имунитетот кај луѓето кои веќе биле заразени. Истражувањето спроведено на Исланд може да има значителни импликации за ризикот од реинфекција и трајноста на вакцината, пренесува „Ројтерс“.

Истражувачите го измерија нивото на антитела кај повеќе од 30.000 луѓе во Исланд, за да утврдат колку луѓе во оваа земја биле заразени со коронавирус и да дознаат повеќе за имунолошкиот статус по закрепнувањето.

Резултатите покажале дека околу еден процент од испитаниците вклучени во студијата биле заразени со короната. Во рамките на оваа група, 56 проценти добиле позитивен резултат по направениот PCR тест, 14 проценти биле во карантин по изложеност на вирусот, но без потврда на инфекција, додека останатите 30 проценти биле заразени за време на студијата, врз основа на присуството на антитела на коронавирусот.

Кај 91 процент од луѓето кај кои била потврдена инфекцијата со ПЦР тестот, а имало вкупно 1.215, нивото на антитела се зголемило во текот на првите два месеци по дијагнозата, а потоа останало непроменето скоро четири месеци.

Оваа студија опфати хомогена популација од една земја, така што резултатите можеби нема да бидат исти во некои други делови на светот со поразновидно население, се посочува. Сепак, студијата покажува дека тестовите на антитела можат да ја покажат вистинската стапка на заразеност. Покрај тоа, тие може да се користат како поевтина алтернатива на тестирањето на коронавирус.

Меѓутоа, авторите на студијата напоменале дека не е јасно дали антителата штитат од повторна инфекција.

Translate »