Метео прогноза со Ирена Лазарова- Димитровска: Сè зависи од времето, а за Нова година, се знае, добро облечете се !


Ирена Лазарова-Димитровска е дел од метео тимот во телевизија “Телма”. Ја прашавме ќе има ли снег за Новата година, а разговорот не однесе до нејзината соработка со Тоше Проески и  животната вокација – метеорологијата

Радар.мк: На почеток, едно професионално прашање, какво време ќе нѐ очекува за престојните празници. Ќе има ли снег за Нова година?

– Сѐ уште е рано да дадам прецизна информација, има речиси 10 дена до тогаш. Но, ете од она што моментално го гледам е дека ќе имаме стабилно и суво време за Новогодишната ноќ, ќе биде студено во рамки на просекот за тој период од годината.

Радар.мк: Имате долгогодишно искуство на телевизиските екрани. Како го објаснувате фактот дека метео вестите станаа подеднакво гледани, па дури и погледани од дневните вести?

– Временската прогноза секогаш била најгледана и актуелна, не само кај нас туку секаде низ светот е така. Тоа е нешто од кое многу работи зависат, дали во земјоделието, туризмот, градежништвото…потребна ни е да знаеме како да се облечеме, дали да си понесеме чадор, кога да одиме на пат, дали некоја активност да биде на отворено или на затворено и ред други работи. На прв поглед небитни, но и тоа како битни.

Ирена, секогаш со доброто време

Често ми се јавуваат луѓе за подетални информации околу некој важен настан или случување. Ова е работа и надвор од телевизијата и секогаш треба да сум подготвена и да имам информација за тоа како време нѐ очекува, тоа ми е професија.

Радар.мк: Што е најважно за еден метеоролог да биде успешен? Колкав е процентот на точноста на временските прогнози или сепак важи онаа дека метеопатите знаат “ подобро”.

– Секако дека е битна точноста, од тоа зависи и довербата на луѓето кон нас. Порано тоа било тешко, прогнозите не биле толку точни и прецизни, но денес е подруго. Со напредокот на технологијата, грешките се сведени на минимум и многу полесно може да се испланираат работите кога знаеме какво време нѐ очекува.

Патувањата и метеорологијата се нејзина пасија


Радар.мк: Оние што лично ја познаваат Ирена, знаат дека таа соработуваше со Тоше Проески. Каков беше Тоше како соработник и човек?

– Да, бев дел од бендот, ги пеев придружните вокали. Со Тоше поминавме многу убав период, повеќе од 30 концерти во регионот и кај нас. Неверојатна дружба, турнеи, убави спомени, што за жал заврши прерано. Тоше беше близок со сите нас од бендот, со огромна меѓусебна почит, толку непосреден, другар. Голема чест и привилегија беше делењето сцена со него.

Со Тоше Проески, убави спомени

Радар.мк: И за крај, временска прогноза и семејни обврски, како тоа оди заедно во вашиот дом?

– Ха, интересно. Во последно време и Јана(9) и Костадин(7) почнаа да се навлекуваат, па знаат често да ме прашаат да им покажам модели од моменталната ситуација или она што ќе се случува понатаму, па заедно да ги толкуваме. Но, и сопругот често ме консултира околу временските услови, затоа што тој редовно на работа оди со велосипед, зимо или лето, на снег или сонце, сака секако да знае соодветно да се облече.

Ирена со семејството

Но, дефинитивно сум во предност пред другите со мојата професија што подетално знам какво време нѐ очекува понатаму, па од голема помош ми е кога договараме и планираме активности на отворено, фамилијарни патувања, други секојдневни случувања, но и наутро кога се спремаат децата за во училиште што да облечат.

Повторно се сведува на тоа дека сепак сѐ зависи од времето .

Translate »