Изгласан во собрание законот за прогресивно оданочување

Собранието вчера го донесе Законот за данок на личен доход со кој од 1 јануари 2019 година се напушта концептот на рамен данок и се воведува прогресивно оданочување.

Во образложението на предлогот министерот за финансии Драган Тевдовски го оцени како праведно решение, додека опозицијата како лошо законско решение и катастрофа за македонската економија.

-Се предлага воведување прогресивен данок на доход со цел обезбедување поголема праведност на даночниот систем, рече Тевдовски.

Освен даночната стапка од 10 проценти се воведува и стапка од 18 отсто која ќе се однесува на даночна основа што надминува еден милион и осумдесет илјади денари на годишно ниво, односно 90 илјади денари на месечно ниво. За даночната основа до еден милион и осумдесет илјади годишно и до 90 илјади месечно останува примената на постојната даночна стапка од 10 отсто.

Исто така, се предлага и оданочување на доходот од закуп, подзакуп, дивиденди, капитални добивки, игри на среќи и друг доход да се врши со примена на единствена даночна стапка од 15 отсто.

Дополнително со законот се врши и зголемување на соодносот на даночното намалување, односно ослободување што ќе важи на платите и пензиите со што даночното побарување кај пензиите ќе биде помало отколку што е со постојниот закон.

Translate »