Град Скопје годинава ќе дава субвенции за инвертери, печки на пелети, велoсипеди и за чистење оџаци

Град Скопје годинава ќе ги субвенционира граѓаните за купување на инвертери, топлотни пумпи или соларни панели за затоплување. Во буџетот на Градот за 2019 година за оваа намена предвидени се 20 милиони денари. За набавка на инвертери и во ланскиот буџет беа предвидени пари, но со ребалансот тие беа пренамени односно не се даваа субвенции за вакви уреди за затоплување, пренесува СДК.

Како и лани и годинава субвенции ќе се делат и за набавка на печки на палети за што се предвидени 15 милиони денари. Во рамките на проектите за намалување на загадувањето, граѓаните ќе се субвенционираат и за набавка на велосипеди, тротинети и електрични возила на две тркала за што обезбедени се 10 милиони денари, како и 3 милиони денари за чистење на оџаци, мерка која за прв беше воведена лани.

-Огласите на субвенционирање на граѓаните ќе бидат објавени кон почетокот на годината и ќе траат цела година додека не се истрошат средствата предвидени за субвенционирање на граѓаните. Наскоро ќе ги објавиме огласите. Лани беа целосно потрошени средствата за набавка на печки на пелети и велосипеди, а додека за чистење оџаци послаб беше интересот кај граѓаните односно не беа искористени сите пари-велат од Град Скопје.

Во буџетот за заштита на животна средина за 2019 година предвидени се 3 милиони евра. Покрај за субвенции за граѓаните со цел намалување на загадувањето на воздухот, субвенции од 20 милиони денари се предвидени и за приватните превозници за адаптирање на постојните автобуси со мотори на еколошки горива, како и 20 милиони денари за ЈСП„Скопје“ за воведување на бесплатен превоз во денови на алармантно загадување на воздухот.

Пари се предвидени и за уредување на кањон Матка, парк шумите Гази Баба и Водно, како и реализација на посебен план за Водно, проекти за зелени кровови на институции, проширени испитувања на загадувањето на амбиентниот воздух од сообраќајот и од согорување на дрвото како средство за затоплување.

Од Градот Скопје велат во рамките на мерките против загадувањето и борбата за почист воздух, пари се издвоени и во други сектори покрај во буџетот за животна средина. Тука влегуваат проектите за изградба на нови паркови, садење дрвја низ градот, изградба на велосипедски патеки, расчистување на диви депонии.

-Набавката на еколошките автобуси кои годинава ќе се купат со кредит од Европската банка за обнова и развој, исто така е мерка против загадувањето-додаваат од Град Скопје.

Translate »