Со иновација и квалитет до лојални потрошувачи-Разговор со технолозите на “Виталиа”
- Како една од најголемите компании за производство на здрава храна во Македонија, која постојано инвестира во подобрување на квалитетот на своите производи и се грижи за сопствениот имиџ, колку е важно процесот на производство да функционира беспрекорно, да биде добро организиран, а безбедноста на највисоко ниво?
Квалитетот и безбедноста се приоритет за Виталиа како лидер во производство на здрава храна во регионот. Многу е тешко да се стекне доверба на потрошувачите, бидејќи вкусовите се пребирливи, а ние се обидуваме да ги задоволиме сите потреби, барања и вкусови на нашите консументи. Амбициозно, но вистинито. Креираме производи со специфични функционалности – веган, протеински, со намален шеќер- кои нема да ве остават рамнодушни, но поради тоа треба многу вложување, посебно во сертификати каде се потврдува нашиот квалитет и грижата за потрошувачите. Од исклучителна важност е добра организираност на производството, навремено обезбедување на суровини и амбалажа, како и обезбедување на персонал кој квалитетно и навремено ке ја исполни својата работна задача бидејќи сето тоа влијае на добивањето финален производ кој пред се е безбеден и квалитетен.
Ваквиот пристап ни овозможи континуиран раст на доверба кај нашите потрошувачи и нивната лојалност кон брендот Виталиа, и на домашниот пазар и во останатите 57 држави во кои извезуваме.
- Каков е процесот од идеја, тестирање, па се до финален производ? Што се случува во лабораторијата за Истражување и Развој.
Позади секоја идеја за нов производ, потрошувачите се главна инспирација. Со цел да ги сознаеме потребите и барањата на современиот потрошувач во динамичното секојдневие, континуирано одржуваме комуникација преку социјалните медиуми и во нашите специјализирани Health Stores и ги следиме светските нутритивни трендови. Согласно тоа, предлагаме производи со посебни функционалности како што е Smoothie To Go- нутритивна ужина со брза подготовка и Take Away- нутритивно комплетен и брз појадок за енергичен старт на денот.
Штом се дефинира типот на производ кој е потребно да се развие, веднаш се пристапува кон формулација на неговиот нутритивен профил и функционалност. Истовремено се дефинира практичноста, видот на пакувањето (со цел да се задржи свежината и безбедноста на производот) и начинот на употреба. По првичната формулација на рецептурата, се спроведуваат интерни испитувања кои ја утврдуваат нутритивноста и безбедноста на производот. Се спроведува дегустација од специјализиран сензорен панел во компанијата како и дегустација од страна на просечниот потрошувач. По спроведување на сите анализи и финални корекции, се преминува кон индустриско производство и се дефинира спецификацијата на производот. Крајна фаза претставува дизајнот, на кој се посветува големо внимание со цел да биде атрактивен и со јасни информации за потрошувачите.
Целиот процес на Развој на нов производ се води од страна на менаџерот за Истражување&Развој во координација со тимот за Контрола на Квалитет со цел да се запазат сите процедури за развој на нов производ кој ќе биде во согласност со регулативите во Македонија и ЕУ. Во истражувањето на пазарот учествуваат маркетинг тимот, нутриционистичкиот тим и тимот за продажба.
- Кажете ни како се спроведува контролата на квалитетот во вашата компанија, на колку нивоа, како и од кои екстерни институции?
Контролата на квалитетот во Виталиа започнува уште при одредување на добавувачите на суровини кои понатаму се користат во самите производи. Се внимава суровините да се набавуваат од доверливи производители кои ги поседуваат најстрогите стандарди и сертификати за квалитетен и безбеден производ. Контролата продолжува при самиот прием на суровините во магацинските простори, нивно соодветно складирање согласно спецификација, предавање на истите во производствениот простор според дневните потреби и повторна контрола пред употреба во даден производ. Во текот на производство следат дополнителни контроли со цел да се обезбеди финален производ согласено претходно дефинираната спецификација: дозирање на состојки, време на нивно мешање, присуство на страни тела, контрола на тежина на финален производ , форма, означување, органолептичка контрола, контрола на пакувањето, хигиена на линиите и вработените…. Со цел да се обезбеди микробиолошка безбедност на производниот простор, редовно се земаат брисеви од работните површини и опрема, интерно и од страна на акредитирана лабораторија. Редовно тестирање на водата согласно законските прописи, анализа на финален производ во акредитирана екстерна лабораторија при што се испитуваат следните параметри: микробиолошка анализа, анализа на пестициди, тешки метали, микотоксини, влага, нутритивна анализа.
Вработените во Виталиа кои денес се на број од 270, редовно поминуваат низ систематски и санитарни прегледи со цел да се обезбеди заштита на производите од микроорганизми кои предизвикуваат здравствени проблеми, а може да влијаат и на безбедноста на производот.
Одржување високо ниво на хигиена на вработените, просторот и опремата, чување на чиста и незагадена околина при третирање на отпадот и спроведување на активности во рамките на одржливиот развој, секогаш кога е можно.
- Кои стандарди за квалитет ги поседувате?
Како дел од нашата заложба за одржување на врвен квалитет, ги имплементиравме BRC , IFS, HACCP, KOSHER, HALAL, Vegetarian, ORGANIC за производство на безбедна храна под строго контролирани услови. Како одговор на специфичните барања на одредени клиенти, Виталиа ги има имплементирано и RSPO и UTZ стандардите кои ја потврдуваат насоченоста на Виталиа кон грижа за животната средина, преку набавка на палмина маст и какао производи од производители кои се грижат за одржлив раст и развој на суровините.
Виталиа е прва компанија за производство на здрава храна во Македонија која го добива високо реномираниот сертификат BRC од Велика Британија како и интернационалниот стандард за квалитет IFS. Стекнувањето со вакви сертификати е показател за континуираниот висок квалитет, кој секојдневно го испорачуваме на своите потрошувачи.
Преку добивање со овие сертификати Виталиа се етаблира како бренд кој своите производи ги произведува според најстрогите стандарди за безбедност на храната во светски рамки и ги проширува своите можности за поставување на своите производи во Велика Британија, Ирска, Австралија, Нов Зеланд, Шкотска, Германија, Франција како и останатите големи светски пазари.
- Трендовите во прехранбената индустрија и нутриционизмот се менуваат динамично. Според вас, со какви предизвици се соочувате во развој на нови, иновативни производи?
Незаразните болести како кардиоваскуларните болести, дијабетес-тип 2 и канцер се главниот здравствен предизвик на 21 век. Според тоа, индустријата првенствено се води кон развивање на производи со намален шеќер, сол и заситени масти, кои претставуваат главни индикатори за угоеност – ризик фактор за горенаведените заболувања. Секако, ова не е лесна задача. Да се создаде здрав производ, кој ќе ја има посакуваната функционалност и истовремено ја задржи посакуваната текстура, вкус и високонутритивен состав претставува вистински предизвик.
Друг предизвик претставува и развојот на производи кои таргетираат различни популациони категории. Со раст на трендот –персонализирана исхрана, производството на производи „One size fits all” ќе биде заменето со производи кои таргетираат различни категории на потрошувачи и производи со различни нутритивни функционалности.
Виталиа успешно ги надминува овие предизвици веќе 25 години. Со лансирање на сирови продукти Raw Bars, додавање на протеин од растително потекло ( протеин од грашок) во новите Smoothie To Go и безглутенските крекери, и континуирана работа на редукција на шеќер во целото продажно портфолио на Виталиа.
Токму затоа, Виталиа и во иднина ќе биде најдобар партнер на потрошувачите во желбата за практикување здрави прехранбени навики.