Која е Билјана Ивановска, новиот антикорупционер: Политички неутрална и непозната за јавноста
Претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска е многу малку позната за јавноста, но со богата професионална биографија, со големо професионално искуство и досега без ниту еден сомнителен елемент во нејзината работа. Пред неколку дена, Собранието го изгласа новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата кој се избра по законски измени извршени според препораки на Европските експерти предводени од Прибе.
Ивановска доби најмногу бодови во процената која ја направи комисијата за селекција составена од пратеници и од власта и од опозицијата, како и од претставници на независни тела, институции и невладиниот сектор. Освен големо искуство во борбата против корупцијата, Ивановска заслужи и високи оцени за јасната визија за работата на Комисијата. Од 2000 година работи во Државниот завод за ревизија, а од 2013 се преселува во ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош, една многу важна позиција поврзана директно со спречување на злоупотребата на европските фондови.
Во нејзината професионална кариера Ивановска била успешна и во Министерството за финансии како началник на Одделението за буџетско сметководство, а била ангажирана и како стручна соработничка во повеќе собраниски комисии. Според тоа што се зборува во политичките и институционалните кулоари, Билјана Ивановска од ниту една партија не била оценета како „наша“ или „нивна“ што е одлична стартна позиција.
Во изјава за медиумите таа рече дека новиот состав на Комисијата ќе се залага да се развие општествената и личната свест за корупцијата која, рече, е тешка болест што го попречува владеењето на правото, демократијата и остварувањето на човековите права.
– Таа ја руши стабилноста на институциите и ги продлабочува и ги руши моралните корени во нашето општество, присутна е сè повеќе секојдневно, а граѓаните во отсуство на систем на вредности и систем на интегритет, сè повеќе ја толерираат и ја прифаќаат како начин за остварување на своите цели. Сметам дека ние треба да ги воспоставиме овие системи што ни недостигаат, да ја развиеме општествената и личната свест на начин што ќе работиме одговорно, транспарентно, професионално и законито – рече Ивановска.
Покрај неа, во Комисијата членуваат и Владимир Георгиев, Софка Пејовска-Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Горан Трпеноски и Салаи Шемши. Попладнево во Собранието на Република Македонија тие дадоа свечена изјава откако претходно беа избрани на пленарна седница со 65 гласа „за“, 10 воздржани и ниту еден глас против.Изборот на новата антикорупциска комисија е со задоцнување од речиси цела година, по скандалот со патните трошоци поради кои седум члена од претходниот состав поднесоа оставки