Што може да се рециклира во Македонија, а што не, како и каде?
Информацијата е (не)моќ – знам дека ништо не знам!
Преку Фејсбук групите како „Дај, не фрлај“ и преку истражувањата на темата на рециклирањето јакне свеста дека постојат толку многу правила за селектирање отпад што е лесно да се изгубиш во нив.
Проблемот не е само кај нас, туку и во светот. На пример, кога станува збор за (сеприсутната) пластика, не се рециклираат пластични ќеси и најлони, амбалажи за храна (чипсови и слично), стиропор за пакување, чаши и амбалажа за храна од стиропор, закачалки, саксии и шишенца од лекови, пластични чаши и прибор, амбалажи кои содржеле опасни хемикалии, цевки за пиење, гуми од возила, црева за прскање, капаци, ракавици, послужавници, итн! Листата на нештата кои не се рециклираат е подолга од онаа на нештата што се рециклираат. Сето тоа оди на отпад!
Да разјасниме – не е дека (дел од) овие производи не можат да се рециклираат, туку процесот е скап, а за да се селектираат правилно, би требало да се постават онолку контејнери колку што има видови пластика, а тоа е невозможно. Повеќе илустрации на тоа што може да се рециклира на светско ниво можете да видите на овој линк.
Доставени прашалници до нашите компании за рециклирање на отпад
За да се разјаснат конфузиите, избрани беа петнаесетина компании за рециклирање според нивната застапеност во официјалните и социјалните медиуми како промотори на рециклирањето и им беа пратени линкови со прашалници за рециклирањето на пластика, хартија, стакло, метал, електроника и разно.
Целта беше да се дознае што точно се рециклира во Македонија според праксата и искуството на компаниите. На тој начин ние како граѓани би можеле поуспешно да селектираме и да овозможиме чиста суровина на компаниите кои така ќе имаат повеќе корист – а за сите нас добивката е тоа што помалку отпад ќе оди на депониите. Сите добиваме! Сепак, со исклучок на три компании, другите не покажаа интерес.
1) Електроника и машини
Компаниите од оваа област дадоа исцрпно објаснување за нивното работење според Законот за управување со електрична и електронска опрема. Тие ни објаснија дека за успешно рециклирање се одговорни „компаниите за собирање, јавните комунални претпријатија, општините, рециклаторите, производителите/увозниците и граѓаните“ и „Во принцип сите електрични и електронски апарати се рециклираат или барем дел од уредот е рециклибилен додека има делови. Пластиката од компјутерите кои содржат пригушувачи на пожар кои се опасни супстанции не се рециклираат.“
2) Пластика
Oдговорoт беше: „Сѐ се рециклира, но кај нас голем број на материјали не се рециклираат поради мали количини на отпад (а скапи инсталации за преработка и зависност од увоз на отпад), како и немање на поддршка од државата за нивно субвенционирање.“
Според искуствата на групата „Не фрлај, не загадувај“, во Македонија не се рециклираат: „Пластиката од средства за хигиена, пластичната амбалажа од јогурти и кисели млека, павлака итнн. Тоа е многу скап процес и неекономичен. Значи, ако државата го субвенционира овој тип на рециклирање со драго срце ќе го прифатат и тој отпад.“
Оттука констатацијата дека „теоретски“ сѐ се рециклира, но во Македонија практично не се рециклира ништо освен проѕирната PET пластика, т.е. таа од шишиња за вода.
На светско ниво се рециклира многу повеќе, но многу центри не прифаќаат воопшто тврди пластики, пластични чаши, прибор, цевки, пластични (најлонски) ќеси, стиропор итн. Всушност, ако спакувате совршено чисти проѕирни пластични шишиња во ќеса, сите ќе одат на отпад, затоа што работникот на лентата нема време да ја отпакува ќесата и да провери што има во неа.
3) Хартија
Одговорот повторно беше генерички, дека се рециклира сѐ, со коментар: „композитот се рециклира, но кај нас нема такви капацитети.“
Во светот се рециклираат весници, списанија, книги со мека корица, обични картони, тетрапак пакувања (композит). Сметките не се рециклираат, тоалетната хартија и салфетките автоматски се сметаат за „загадени“, додека хартијата исечена на ленти е со уништени целулозни влакна и таа повеќе не може да се рециклира.
4) Стакло
Добивме одговор дека (повторно) сѐ се рециклира, освен керамички садови и огледала, со појаснување дека „сите стакла кои немаат други примеси внатре, жица кај армирано стакло, стакла со фолии, итн. се рециклираат, но кај нас нема такви капацитети.“
На речиси сите истражени светски сајтови беше истакнато дека не се рециклираат светилките кои содржат штетни хемикалии, стаклените чаши и садовите од стакло, стаклото од прозорци и излози или огледала бидејќи не се правени од истото стакло како и шишињата.
Освен тоа, центрите за рециклирање стакло никаде не прифаќаат скршено стакло! Стаклото се рециклира според боја, а кога ќе се скрши речиси е невозможно да се оддели. Нашите контејнери за рециклирање стакло се такви што кога ќе фрлите шише тоа неминовно ќе се скрши. Освен тоа, лепенката на контејнерот јасно покажува скршено стакло. Дали сме ние исклучок во однос на целиот свет?
5) Метал
Не добивме коментари! Познато е дека лименките можат бесконечно да се рециклираат, сепак во повеќето светски центри не се прифаќаат спрејови, алуминиумска фолија, метални закачалки, игли, прибор за јадење и слично. Освен тоа, неизмиена конзерва не може да се рециклира. Повторно конфузија?
6) Мешан отпад
Едно барем е јасно – отпадот не треба да заврши на улиците! Или не е така? Групата „Не фрлај, не загадувај“ со своите активности започна во 2017 година со идеја да се „документира и тргне несоодветно фрлениот отпад од урбаните и руралните површини, а го има(ше) многу! Членовите документираа, службите реагираа, а за другото се организираа акции и самоиницијативно се собираше отпадот. Но, набрзо јакне свеста за еден парадокс – ако го собереме и го фрлиме ѓубрето во контејнерите – тоа завршува на депониите каде што ја загадува природата и се гори – а тогаш го загадува воздухот.
Клучен проблем кој треба да се реши во нашата земја е правилното селектирање, собирање и рециклирање на отпадот. Додека не се направи тоа, сите наши иницијативи од типот Не биди ѓубре, или акцијата „собирање на ѓубре за Шведска“ на Единица за брзи артивистички акции се залудни (иако е јасно дека се работи за валидна порака). Да не се лажеме, Шведска никогаш не би го прифатила нашиот отпад, дури и да е селектиран – тој не ги задоволува ни минималните светски стандарди.
Сакаме правилно рециклирање
Во областа на рециклирањето постои голема збрка и многу нејаснотии, иако во Македонија и според компаниите за собирање и управување со отпадот практично сѐ се рециклира!? Токму оттука и апелот кон нив да ја информираат јавноста повеќе за тоа што (точни суровини), како (самостојно, преку превземачи…), каде (мапа на локации) и на кој начин (сплескани, добро измиени и исчистени) да селектира. Така и самите ќе имаат полесна работа во справувањето со овој отпад, наместо да им ги загадуваме пратките со непотребни производи. Така би било подобро за сите.
Од друга страна, државата би требала поактивно да се вклучи во процесот на рециклирање. Да ги забрани, ограничи или оданочи материјалите кои не се рециклираат. Така тие нема да се користат и нема да завршуваат на депониите. Од друга страна може да им помогне на компаниите со субвенции за да можат да ги рециклираат или да го олесни транспортот до земјите кои можат да ги рециклираат.
Граѓаните сакаат да живеат во чиста околина, да се грижат едни за други, за околината и за иднината, но иако има механизми преку кои тоа може да се направи, некогаш е навистина тешко да се разбере како функционираат тие. Засега, до следното читање, се одјавуваме од чудниот свет на рециклирањето.
Бранко Прља
(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa)