Истражување: Водата за пиење е безбедна, сметаат граѓаните!

Мнозинството граѓани (55,3%) сметаат дека водата за пиење во земјава е чиста и безбедна, како и дека нејзиниот квалитет е идентичен како и минатата година (49,2%), покажува истражувањето на јавно мислење на тема „Загадување на водите“, спроведено за емисијата „Детектор“ на ТВ Сител, во која гостуваа др. Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје, директорот на ЈП „Водовод и канализација“  Душко Весковски и Кирил Ристовски од центарот за еколошка демократија „Флорозон“.  

Дека граѓаните на Македонија имаат пристап до чиста и безбедна вода за пиење потврдуваат и гостите во ова издание на „Детектор“. Според др. Михаил Кочубовски, „97% од граѓаните во земјава имаат пристап до безбедна вода за пиење, а само 3% го немаат тоа право, бидејќи нивните села немаат селски водоводи и пијат вода од јавни чешми или индивидуални бунари“. Во однос на граѓаните Скопје, Душко Весковски посочува дека тие „пијат чиста и здрава вода благодарение на природниот извор на вода, Рашче“, објаснувајќи дека ова го потврдуваат и секојдневните испитувања на квалитетот на водата за пиење на 36 локации во градот како и испитувањата со 50 мерни станици кои повремено го контролираат квалитетот на водата и во други подрачја во градот.  

Од друга страна, истражувањето на јавното мислење на тема „Загадување на водите“, покажува дека прецепцијата кај повеќе од половина од граѓаните (53,3%) е дека државата нема соодветен пристап за справување со загадувањето на водите, како и дека најголемиот причинител за загадување на водите е фрлањето отпад (64,4%), по што следуваат земјоделството и употребата на пестициди (13%) и индустријата и градежништвото (10%).  

Ваквите перцепции на граѓаните не се изненадување за Кирил Ристовски од центарот за еколошка демократија „Флорозон“, кој посочува дека и институциите носат дел од одговорноста за недовербата на граѓаните. Според него, институциите „се во голема мера затворени за споделување на извештаите и информациите за квалитетот на водата. Ова е индикатор дека треба да се пронајде соодветен начин за споделување на информации со цел на граѓаните да им се врати довербата во субјектите кои што стопанисуваат со водата за пиење“.  

Во однос на значењето и состојбата со пречистителните станици, гостите во емисијата се согласуваат дека е неопходна изградба на нова пречистителна станица за да имаме безбедна вода за пиење, како и безбедна храна.  

„До 2015 година, имавме само 12%  прочистени отпадни води. Но, со изградбата на прочистителната станица кај Трубарево овој процент ќе се зголеми до 75%“ информира Кочубовски. Весковски дополнува дека пречистителната станица кај Трубарево е „крупен проект на Владата и Град Скопје, кој со помош на Француската влада и Европската комисија верувам дека ќе го реализираме до 2020 година.“ 

Изградбата на пречистителни станици за комуналните отпади води и индустриските води „треба да е дел од стратегијата за да се изградат механизми за превенирање на состојбите на реките и водотеците во Македонија и да се ублажат последиците врз здравјето на граѓаните“ истакнува Ристовски кој потсетува дека „само 13% од територијата на земјава е покриена со канализациона мрежа, што е услов за колекција (на отпадната вода) од домаќинствата и индустриските капацитети, за да може таа да биде соодветно третирана и како прочистена да биде пуштена во нејзините водотеци“ 

Најголем дел од граѓаните (60,5%) сметаат дека Македонија не ги исполува стандардите на Европската Унија во однос на загадување на водите, а голем дел (43,6%) сметаат и дека доколку станеме нејзина членка, полесно ќе го надминеме овој проблем.   

„Според проценката на Министерството за животна средина, за да ги достигнеме стандардите на ЕУ во делот на заштита на животната средина ќе треба да се одвојат околу две милијарди евра од буџетот, од кои половина би оделе за заштита и управување со водните ресурси во нашата земја“, упатува Ристовски. „За илустрација, програмата за управување со води за 2018 година изнесува 71 милиони денари, преку проекти кои се финансирани исклучиво од средства на ЕУ“, дополнува тој.  

Учесниците во емисијата се согласни дека е потребен долгорочен циклус на инвестиции во овој сегмент за да ги исполниме стандардите на ЕУ, меѓу кои е и зголемување на цената на чинење на водните услуги која сега е многу ниска. 

„Европските регулативи, но и пречистителната станица во Трубарево, што ќе биде изградена до 2020 година ќе биде огромен трошок и за градот и за јавното претпријатие, и ќе мора да се направи корекција на цените. Разговараме со регулаторната комисија, и во однос на тие анализи ќе ја формираме цената, но првичните проценки упатуваат на зголемување од 2 до 3 денари за метар кубен“, информира директорот на „Водовод и канализација“ од Скопје. 

Истражувањето на тема „Загадување на водите“ беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 8 до 13 јануари, на 1091 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да ја запази репрезентативноста на населението.     

Translate »