Пендаровски и Силјановска – Давкова подготвени за ТВ дуел

loading...

Двајцата формално независни кандидати за претседател на државата зад кои застанаа најголемите партии од власта и опозицијата, се подготвени за ТВ дуел.

Како што за „Мета“ изјавија и Стево Пендаровски и шефот на Изборниот штаб на Гордана Силјановска – Давкова, тие сметаат дека треба да има ТВ дуел или дуели во кои пред целата јавност ќе може да ги спротивстават ставовите и визиите.

„Професорката Силјановска – Давкова е апсолутно расположена и подготвена за ТВ дуел или дуели, во кои ќе се изнесат ставовите и ќе се дебатира. Се разбира дека секогаш би прифатила дуел“, одговорија од изборниот тим на на професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ.

Сличен став има и Изборниот штаб на најголемата опозициска партија, којa застана целосно зад кандидатурата на Силјановска.

– Во принцип, мислам дека треба да има ТВ дуел. Не сме зазеле конечен став, но сметаме дека треба да има дуели. Не гледаме причини зошто да не се излезе – за „Мета“ изјави Игор Јанушев, шефот на Изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, кој и дава поддршка на кампањата

Стево Пендаровски вели дека е апсолутно „за“ дебати, кои ги нарекува „срж на демократијата“.

– Демократијата значи меѓу другото и натпревар на идеи и концепти. Тие идеи треба да се вкрстат и презентираат пред граѓаните, пред оние од кого ја бараме довербата, на оние на кои им служиме. Дебатите меѓу неистомислениците се сржта на демократијата, јас ги поддржувам и ќе учествувам во такви дебати во соодветни термини – рече Пендаровски за „Мета“.

Translate »