Пожар на Скопска Црна Гора, на непристапен терен!
Гори сува трева и ниска вегетација на Скопска Црна Гора. Пожарот кој околу 12 часот денеска избувна во кумановскиот дел на планината сега се шири од скопската страна. На терен се единствено екипи од „Шумско стопанство“ Куманово, а авионите не гасат оти не можеле да интервенираат навечер.
„Побаравме асистенција од ер тракторите кога изби пожарот. Сега тие не можат да интервенираат оти е темно, ќе бидат на терен ако е потребно утре наутро. Побаравме да се направат заштитни појаси околу населените места доколку дојде до евентуално ширење на пожарот“, велат од Центарот за управување со кризи.
Од Бригадата за противпожарна заштита на Скопје велат дека поради ветерот пожарот се префрлил на скопската страна на планината, но тие не можат да интервенираат оти патот е непристапен.
„Пожарот е на врвот. Нема начин да се стигне со возилата до горе. Ја следиме ситуацијата да не дојде до евентуално ширење кон селото Раштак кое е населено и најблизу до планината“, велат од Пожарната.
Градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски вели дека состојбата со пожарот е стабилна.
„Службите на Противпожарната бригада, МВР, екипи на ДЗС како и општинските служби за заштита и спасување и екипите на Македонски Шуми се на терен и активно учествуваат во координирано гаснење на пожарот и спречување на негово ширење, а активирани беа и двата авиони за гаснење на пожар. За жал ветерот во моментот го усложнува процесот на гаснење, но екипите се на терен и добро ја контролираат состојбата. Утре од 6 часот наутро почнува повторно голема акција во која ќе бидат вклучени и доброволци како и противпожарните авиони. Апелирам до секој еден од нас да внимава како постапува во природа затоа што најмало невнимание може да предизвика голема катастрофа“, вели Георгиевски.