Плацот кај „Имес“ со помош на Стевчо Јакимовски купен за 11 илјади, а продаден за 600 илјади евра

На 2 ноември 2017 година „Макфакс“ ја отвори аферата за продажбата на земјиштето кое се наоѓа во близина на поранешниот ресторан „Имес“ во Карпош, а за кое денеска беше поведена истрага против девет лица, меѓу кои и за поранешниот градоначалник на општината Стевчо Јакимовски за кого се чека одлуката за притвор.

Сторијата на Кристина Озимец која се однесува на спорната легализација на една од парцелите која била во сопственост на државата ја реобјавуваме во целост:

„ГРОМ промет“ купил државно земјишто во Карпош за само 11 илјади евра, а потоа го продал за 600 илјади евра“, е обвинувањето кое одекна во екот на предизборната кампања за време на локалните избори. Обвинувањата пристигнаа од страна на СДСМ и упатени на адресата на градоначалникот Стевчо Јакимовски, чија партија Граѓанска опција за Македонија – ГРОМ носи речиси идентично име како името на фирмата кое се споменува во обвинувањата за неправилности при отуѓување на земјиштето во оваа општина.

Душко Весковски, кој сега е претседател на Советот на Општина Карпош, а претходно беше носител на листата на советници на СДСМ, ја обвини Општината под раководство на Стевчо Јакимовски како градоначалник дека неправилно отуѓила градежното земјиште со вкупна површина од 1.533м2, кое било продадено за само 11 илјади евра на друштвото за производство, трговија и услуги „ГРОМ промет ДОЕЛ“.

Тој го праша Јакимовски како отуѓил државно земјиште за багателна цена и зошто само два месеца подоцна по отуѓувањето истото земјиште заедно со легализираните објекти од „ГРОМ промет ДООЕЛ“ било продадено на фирмата „Дабар ДООЕЛ“ по цена од околу 600 илјади евра.

Освен самите обвинувања упатени до Јакимовски, објавувањето на името на фирмата „ГРОМ промет“ во јавноста веднаш предизвика шпекулации дека позади зделката може да стои ексградоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.

Сè е чисто како солза, велат службите од Општина Карпош

За случајот побаравме брифинг со службите во Општина Карпош кои го воделе предметот, од каде што велат дека постапката за отуѓување на земјиштето кај познатиот ресторан „Имес“ била целосно законска и во согласност со процедурите на Општината.

Оттаму ги добивме на увид и договорот меѓу „ГРОМ промет“ и општината, договорот за отуѓување градежно земјиште со непосредна спогодба, како и решението со кое „Дабар ДООЕЛ“ станува сопственик на земјиштето.

Иако потврдуваат дека земјиштето под објектот било навистина купено за 11 илјади евра, сепак, велат дека во пресот со обвинувања на Весковски, случајно или не, било заборавено да се спомене дека „ГРОМ промет“ платила уште 180 илјади евра за легализација на објектот, па поради тоа според нив не држат обвинувањата дека за земјиштето се дадени само 11 илјади евра за потоа да се продаде за 600 илјади евра.

Тие објаснуваат дека ниската цена од 11 илјади евра за земјиштето била поради тоа што се работело за земјиште кое е под објектот што „ГРОМ промет“ го имала долги години на користење и потоа и го откупила. Најпрвин бил откупен објектот, а потоа и земјиштето под објектот. Од тие пари по 40% од средствата добиваат градот Скопје и општината Карпош, додека 20% се наменети за буџетот на РМ.

И од компанијата „Дабар дооел“ за „Макфакс“ потврдуваат дека „ГРОМ промет“ го купил објектот од државата за 183 илјади евра, според Законот за утврдување правен статус на бесправен објект.

Објектите, меѓу кои како дел од комплексот имало и канцеларии и летната тераса на познатиот ресторан, се легализираат во 2015 година, додека барањето за легализација било поднесено во 2011 година.

Ексградоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, не беше достапен за коментар за обвинувањата упатени кон него од страна на Весковски и отуѓувањето на земјиштето. Тој во изминатиот период освен од своите политички опоненти беше постојано обвинуван и од граѓанските организации и активисти за заштита на зеленилото во Карпош дека како градоначалник целосно ги узурпира зелените површини и јавните простори за сметка на интересите на градежниците.

По легализацијата, плацот продаден речиси трипати повеќе

Изградбата на новата зграда која се наоѓа кај поранешниот познат ресторан „Имес“ веќе е во полн ек. Зградата која сега веќе ја гради компанијата „Дабар ДООЕЛ“ ќе биде составена од 132 стана и ќе има приземје, 5 ката и поткровје.

Откако се случила легализацијата и откупувањето на земјиштето, тоа за многу краток период било веднаш продадено на компанијата „Дабар ДООЕЛ“. Од оваа компанија за „Макфакс“ потврдија дека за плацот на „ГРОМ промет“ му платиле 508.474 илјади евра додека околу 91 илјада евра завршиле како данок на државата.

Сега 80% сопственост врз плацот има компанијата „Дабар ДООЕЛ“, а 20% останува на други физички лица кои исто така се вклучиле во процесот.

Фирмата „Дабар ДООЕЛ“ потоа добила можност и за дооформување на земјиштето во тој реон бидејќи за нивниот објект им била потребна поголема парцела. Таа дооформува уште 1835 м2, за кои платила 470 илјади евра кои одат на сметка на Градот Скопје и општината, како и 20% за државата, со што плацот го зголемуваат на вкупно 2845 м2.

Според информациите од оваа компанија, тие платиле и 756 илјади евра за комуналии, од кои 40% се за општината, како и 60% за Град Скопје.

ГРОМ промет формирана уште во 2003

Од документите во Централниот регистар може да се види дека, сепак, е само коинциденција тоа што името на фирмата „ГРОМ промет“ е слично со името на партијата на Стевчо Јакимовски. Компанијата „Гром промет ДООЕЛ“ била формирана уште во 2003 година, а како нејзин сопственик во регистарот е наведен Горан Ристовски. Според потврдата што ја добивме во телефонски разговор од сопственикот на компанијата, компанијата работи долги години пред да се формира партијата ГРОМ и под нејзино раководство бил познатиот скопски ресторан „Имес“, кој веќе не постои на таа локација.

Ристовски во неофицијален телефонски разговор ни кажа дека не сака да дава изјави за медиумите затоа што не чувствува потреба да демантира какви било наводи изнесени против неговата компанија. Тој негираше дека неговата компанија има каква било врска со партијата ГРОМ и исто така ни ја потврди сумата од 600 илјади евра за која е продадено земјиштето, во која е вклучено и ДДВ-то за државата.

Предупредувања за нашите пишувања за плацот кај „Имес“

Иако во нашиот прв разговор со сопственикот на компанијата „ГРОМ промет“, Горан Ристовски, тој смирено ни објасни повеќе детали околу случајот, но, сепак, одби да даде официјална изјава за нашиот медиум, пола час подоцна тој повторно ни се јави на телефон и ни кажа дека наскоро ќе нè побара неговата сопруга, која е правник, за да ни го објасни нивниот став околу неговата изјава.

„Не сакаме нашите имиња да ги споменувате во вашите текстови, вие немате право на тоа зашто се работи за приватна работа. Ќе следам што пишувате и потоа ќе си преземеме мерки на влијание“, ни рече жената која се претстави како сопруга на сопственикот на компанијата.

Таа со агресивен тон во телефонски повик ни упати повеќе предупредувања дека воопшто не сакаат на никаков начин да се споменуваат нивните имиња во нашата сторија затоа што се работело за приватна работа и тие не сакаат да дадат изјави на темата. Таа нè распрашуваше од каде сме ги добиле документите за случајот и неколкупати ни испрати предупредување дека ќе го следи нашиот текст, како и дека треба да бидеме внимателни во пишувањето бидејќи доколку таа смета дека го кршиме законот со пишувањата, ќе употреби правни мерки против нас.

Translate »