Во Брисел забранија реклама за повикување на студентки да излегуваат со постари мажи
Властите во Брисел донесоа одлука за забрана на рекламна кампања за привлекување придружнички меѓу студентките, соопштија локалните власти.
Пред неколку дена пред Универзитетот во Брисел се паркирал камион со рекламно пано на кампањата. Кампањата, која се спроведува под мотото „Богатството ја наоѓа убавината“, има за цел да ги „насочи“ студентките дека „ќе си го подобрат животот“ доколку излегуваат со повизрасни мажи.
Според локалните власти, поттинувањето на средби меѓу млади жени и „стабилни мажи“ е прикриен начин за барање придружнички.
Сопствениците на рекламниот сајт посочуваат дека Белгија е меѓу петте држави со „најголем пазарен потенцијал“ и сметаат дека следната година на вакви услуги можат да бидат привлечени околу 300.000 претплатници.
Еден од камионите користен во кампањата е запленет од страна на полицијата, а подоцна случајот е предаден на разгледување во Обвинителството.
Организаторите на кампањата планираа следниот месец да обезбедат неколку камиони со рекламни паноа во главниот град на Белгија, како и засилено медиумско присуство.