Зорица Заева и девојката на Ципрас на прошетка на Кале

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, денеска е во официјална посета на земјава, при што оствари низа средби со политичари од македонскиот државен врв. Ципрас со себе води и висока делегација од Грција, а придружуван е и од неговата партнерка, Бети Базијана.

Додека во текот на денот траеја политичките средби на државните делегации, друштво на Базијана ѝ правеше сопругата на премиерот Заев, Зорица.

Тие го искористија убавото време за прошетка на скопската тврдина Кале, а фотографии од нивното дружење се објавени на официјалниот фејсбук-профил на премиерот.

„Топло добредојде и за драгата Бети. Убав ден за пријателства, за срдечна дружба со Зорица, интересни разговори и за разгледување на градот на солидарноста“, е напишано во рамките на објавата во која се ставени фотографиите.

Базијана е невенчана сопруга на Ципрас, а заедно имаат две деца. Пред прошетката на Кале таа ја искористила можноста да положи цвеќе на гробот на Гркот Зорба на скопските гробишта Бутел.

Ципрас е прв премиер на Грција што престојува во официјална посета на државата.

Translate »