Кинески град од 2 милиони жители под тотална блокада: Им снемува храна и лекови…
Властите на кинескиот град Тонгхуа се најдоа на мета на критики на јавноста поради лошиот одговор на порастот на бројот на заразени со коронавирусот, а граѓаните се бесни поради недостигот на храна и лекови после воведувањето на „локдаунот“.
Како што пренесува “ABC”, неодамна се појавило жариште на коронавирусот во Тонгхуа кој брои повеќе од 2 милиони жители, поради што биле воведени остри рестриктивни мерки со цел да се спречи ширењето на коронавирусот. На граѓаните им е забрането да ги напуштаат своите домови.
Повеќе од 190 случаи на коронавирус се регистрирани во тој град во текот на овој месец, а граѓаните очајнички се обидуваат да пронајдат храна и останати неопходни намирници. Кинеската новинска агенција „Синхуа“ објави вчера дека 14 локални лидери на Комунистичката партија се сметаат за одговорни за лошата превенција на епидемијата во градот.

Здравствената комисија во Тонгхуа започна нова фаза на тестирања на населението на коронавирус и тоа по трет пат од половината на јануари. Овој град стана популарна тема на кинеската социјална мрежа „Веибо“, посебно поради тоа што во градот има и недостиг на лекови.
Сепак, градските власти ги смируваат граѓаните и тврдат дека се е под контрола.
„Градот во овој момент има доволно резерви на основни намирници, а транспортните канали се отворени за да се исполнат основните потреби на граѓаните“, стои во официјалното соопштение на локалните власти.

