ЗАМРЗНАТ ПЕШТЕРСКИ ЧОВЕК ГИ ШОКИРАШЕ АМЕРИКАНЦИТЕ
Во паркот „Theodore Wirth“ во Минеаполис, Америка, минувачите беа запрепастени од неочекувана статуа на пештерски човек во мраз.
Фотографиите од необичната глетка брзо се проширија на социјалните мрежи и многумина сметаат дека повторно станува збор за слична мистерија како онаа со монолитите која го привлече вниманието на илјадници луѓе ширум светот на крајот од минатата година.
Со денови се зборува за замрзнатиот праисториски човек, но овојпат се дозна вистината.
Зад приказната за човекот во мраз нема мистерија, туку станува збор за уметничко дело на Зак Шумак, кој вели дека неговото творештво има посебна порака за светот.
Уметникот вели дека со својата бизарна креација, тој сакал за момент да ги тргне луѓето од социјалните мрежи и да ги натера да излезат надвор и да имаат посебно искуство на отворено.
Тој за американските медиуми изјави дека сака да им даде на луѓето нешто за што можат да зборуваат – нешто позитивно.
Воедно, се надевал дека оваа необична атракција на отворено може да биде нешто што ќе ги охрабри луѓето да излезат од своите домови, да одат во паркови, да одат по патеки и да истражуваат, наместо да седат дома.