Шокантно откритие на плажа: Угинатата женка кит била гравидна, во утробата ѝ пронашле 22 килограми пластика
Италијанскиот министер за околина Серџо Коста се огласил откако на брегот во близина туристичкото место Порто Серва во Сардинија била откриена угината женка кит, во чија утроба биле пронајдени 22 килограми пластични кеси и други пластични предмети, пренесува “Euronews”.
Лука Битау, еколог и претседател на непрофитната организација Sea-Me Sardinia, рекол дека станува збор за осум метри долга женка кит која во утробата носела фетус. “Беше гравидна и речиси сигурно имала спонтан абортус пред да се закотви на брегот, а фетусот веќе бил прилично развиен”, рекол тој.
“Во желудникот на китот пронајдовме вреќи за ѓубре, делови од пакети кои се користат за перење на алишта, а на нив имаше видливи баркодови, дури и една пластична цевка за градежни работи, пластични чинии, рибарски мрежи и многу други предмети од пластика кои веќе не е можно да се идентификуваат”, вели Битау.
“Ова е уште еден доказ за тоа во колкава мерка нашите мориња се загадени со пластичен отпад”, рекол Коста. “Има ли уште од оние луѓе кои сметаат дека ова не е важно? За мене овој проблем претставува приоритет”, напишал министерот на Фејсбук.
“Масовно и без размислување користиме предмети од еднократна пластика и сега ја плаќаме цената. Да бидеме искрени, пред сите ја плаќаат животните, а потоа и ние”, додал тој.
Коста потсетил на неодамна донесената одлука на Европскиот парламент, со која во сите земји членки од 2021-ва година се воведува забрана за користење на некои пластични производи за еднократка употреба, на пример цевки и пластичен прибор за јадење.
“Италија ќе биде една од првите земји кои ќе ја спроведат таа одредба”, рекол министерот Коста.
Светскиот фонд за заштита на природата WWF, претходно предупредил дека пластиката претставува голема закана за морските животни. Во соопштението се додава дека последните два години поради голтање на пластични предмети угинале пет китови. На Филипините минатиот месец бил пронајден угинат кит со 40 килограми пластични кеси во желудникот.