Децата обожаваат фудбал вели Наташа Тодоровска, учителка и фудбалски тренер

Повеќе од 23 години Наташа Тодоровска е одделенска наставничка во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ од Битола, а дузина години е тренер на женскиот фудбалски клуб „Топ гол“. Таа е една од наставничките што не дозволуваат часот по физичко образование да биде заменет со некој друг предмет или да се одржи без вистинска активност. Вели дека да се биде учител е најблагородната и најважната работа затоа што низ рацете на наставниците поминуваат генерации дечиња кои ги подготвуваат за животните предизвици.

Обрнувате големо внимание на играта и на спортот. Водите и женски тим по фудбал. Каков е интересот и како реагираат децата, а и родителите со оглед на тоа дека кај нас доминира ставот дека фудбалот е „машки“ спорт?

– Уште од основно училиште се занимавам со спорт кој сѐ уште е дел од моето секојдневие. Десет години со гордост го носев дресот на ЖКК „Пелистер“ – Битола. Љубовта кон спортот им ја пренесувам на сите генерации ученици бидејќи часот по физичко образование за мене е закон кој строго се почитува. Мојата посветеност на физичкиот развој на децата и, пред сѐ, правилниот методски пристап во работата, ми отвори една нова страница од животот, а тоа е активно ангажирање како тренер во ЖФК „Топ гол“ – Битола. Поканата од тренерот Кире Грбевски да бидам дел од женскиот фудбалски клуб, кој успешно настапува веќе 12 години во првата македонска женска лига, прво ја прифатив со доза на резерва бидејќи не знаев дали ќе можам да се снајдам во т.н. „машки спорт“.

Но, кога покрај себе имате одлична тренерска екипа, одговорни, талентирани фудбалери и, пред сѐ, доверба од нивните родители, фудбалот и тренерската улога не се тешки, туку се задоволство.
Морам да нагласам дека во 21 век сѐ уште се бориме со стереотипите дека фудбалот е машки спорт. Но, сѐ поголем е бројот на девојките во фудбалски клубови и се поместува возрасната граница на започнување со тренирање уште од 6 години. Многу е важно родителите да сфатат дека девојките ја бараат нивната поддршка да играат фудбал и дека и тие се рамо до рамо со момчињата на терен.
Моментално тренирам повеќе од 30 момчиња од 5, 6 и 7-годишна возраст и пионерска и кадетска екипа на девојчиња. Се гордееме и со нивниот успех на училиште, бидејќи освојуваат награди на натпревари по математика, природни науки, англиски јазик. Има време и за учење и за спорт, ако добро се организира, а ние тоа им го овозможуваме на нашите фудбалери. Тренинзите ги одржуваме понекогаш заедно со фудбалерките од сениорскиот тим, тренерите Кире, Симе, Васко и Златко и со гордост сакам да нагласам дека нашето мото е „Над сите Топ гол“.

Ретко кое школо може да се пофали со добри услови за реализација на наставата по физичко образование. Како да се убеди државата да му стави приоритет на овој важен факт?

– Нашето училиште располага со голема и релативно добро одржувана спортска сала, со сите потребни реквизити и нуди можност за непречена реализација на наставата. Соработката со предметните наставници по физичко ни е на високо ниво бидејќи често ја „делат“ салата и со нас, само за да овозможат децата да работат непречено на својот физички развој. Често работиме и како тандем-наставници. Имаме потреба да се реновира училишниот двор, кој е огромен простор, но не нуди безбедни услови за игра поради дотраеност на асфалтираниот простор.

Како да се убеди државата дека треба да ѝ биде приоритет здрава младина која активно ќе спортува во современи спортски сали и уредени спортски терени? Треба политичарите да размислат дали сакаат здрава младина која својата иднина ќе ја гради тука или непродуктивно ќе се трошат пари на работи од кои само мала група луѓе имаат придобивка.
Апелирам до МОН, Агенцијата за млади и спорт и до БРО да ја увидат потребата за правилен физички развој на учениците и за оттргнување од зависноста од мобилните телефони, компјутерите и пороците на денешнината. Во училиштата да обезбедат реквизити за изведување спортски активности: јажиња, топчиња, обрачи, конуси, скали, мини-голчиња и сл., со кои може да се спортува и во помал простор. Да ги обноват дотраените сали и да се градат нови, да се инвестира во нови училишни игралишта, спортски терени и базени. Да се овозможи стручно доусовршување на наставен кадар во одделенска настава и обезбедена поддршка од соодветен предметен наставник како по примерот на пилот-училиштата во Скопје. Да се инвестира во индивидуални и колективни спортови. Финансиски да се стимулираат млади спортисти кои настапуваат за репрезентативни состави од различни возрасни категории. Да се помогнат спортските клубови за што поголема вклученост на децата во нив итн.
Мора да се започне уште во градинките за да се развие навика за спортување и кај децата и кај родителите.

Многу често наставниците знаат да кратат од часовите по физичко или од уметностите (музичко, ликовно) за да надополнат содржина од „посериозните“ предмети – математика, природни? Сметате ли дека тоа е во ред?

– Искрено, не знам како наставници по ФЗО или одделенски наставници реализираат 108 часа годишно, а немаат спортска сала или училиштен двор кој нуди можност за реализација на наставата програма. Тоа е тешко за нив, а без нивна вина. Ако во дворовите на училиштата немате обрачи, голови, како ќе ги научите децата да играат кошарка, ракомет, фудбал, одбојка?
Не би можела да зборувам за замена на часови со „посериозни“ предмети бидејќи секој наставник си одговара за работата во својата паралелка. Во училиштата има надлежни за нашата работа, а секако тука се и родителите што би можеле да реагираат доколку сметаат дека наставникот прави такви замени на штета на физичкиот развој на децата.

Наташа Тодоровска им ја пренесува љубовта кон спортот на децата

повеќе на деца.мк

Translate »