Физичката активност не прави повеќе среќни, отколку заработувачката

Јасно е дека вежбањето има и физички и ментални придобивки – но што ако навистина можеме да докажеме дека е поважно за вашето ментално здравје отколку вашиот економски статус?

Истражување спроведено од Јеил и Оксфорд го докажало токму тоа. Научниците собрале податоци за физичките активности и менталното расположение на повеќе од 1,2 милион Американци. Учесниците можеле да изберат од 75 вида физичка активност – од косење на тревата, грижа за децата и задачи низ домаќинството до кревање тегови, возење велосипед и трчање.

Од учесниците било побарано да одговорат на следното прашање: „Колку пати сте почувствувале ментална непогодност во последните 30 дена, поради стрес, депресија или емоционални проблеми?“ Научниците откриле дека оние што редовно вежбале се чувствувале лошо 35 дена во годината, а физички неактивните учесници се чувствувале лошо 53 дена во годината.



Покрај тоа, истражувачите откриле дека физички активните луѓе се чувствуваат исто толку добро како и оние што не спортуваат, но заработуваат околу 25.000 долари повеќе годишно.

Во суштина, ако не спортувате, ќе треба да заработите многу повеќе пари за да доживеете ист ефект на среќа како што доживуваат оние што спортуваат. Но, ова не значи дека колку повеќе спортувате, толку сте посреќни.

– Односот помеѓу времетраењето на спортот и менталното оптоварување е во форма на буквата „U“  – вели авторот на истражувањето, Адам Чекруд, од Универзитетот во Јеил.

Истражувањето покажало дека физичката активност само придонесува за подобра ментална состојба кога се наоѓа во одредена временска рамка. Според истражувањето, идеални се три до пет сесии на вежбање неделно со времетраење од 30 до 60 минути. Подолгото вежбање може да има спротивен ефект – всушност, менталното здравје на оние учесници што вежбале подолго од три часа дневно страдало повеќе од оние што не биле многу физички активни.

Истражувачите забележале и дека одредени спортови кои вклучуваат социјализација, односно тимските спортови, може да имаат попозитивен ефект врз вашето ментално здравје од другите.

И покрај фактот што ниту возењето велосипед, ниту аеробикот, ниту фитнесот технички не се сметаат за тимски спортови, овие активности може да имаат значително позитивно влијание врз вашето ментално здравје.

Translate »