Се зголемија сметките за вода!

Сметките за вода повторно ги налутија граѓаните. Реагираат дека ставката од 20 проценти  за одржување на градското зеленило што ја плаќаат секој месец, освен што ги зголемила сметките за вода, предизвикува конфузија и нееднаквост во нивните сметки. Бурно реагираат зошто дополнителните 19, 5 проценти од месечната сума за потрошена вода не се паушални, односно фиксни за секоја сметка,  туку се пресметуваат зависно од вкупната кубикажа на потрошена вода  што уредно ја плаќаат?

Институциите,пак,си ја префрлаат топката едни на други за тоа кој ја утврдува висината на оваа давачка за вода.

Од Водовод и канализација велат ова е одлука на Советот на Град Скопје, а сите средства кои ги плаќаат граѓаните одат во ЈП „Паркови и зеленило“ за одржување на градското зеленило.  Преку нашите сметки се наплаќаат трошоците  за сите комунални претпријатија, ни изјавија од Водовод.

Од Град Скопје имаат објаснување дека давачката се плаќала и досега, но не била прикажана на сметките за вода. Оваа давачка е воведена во 2012 година и истата претходно се прикажувал со интерен договор на претпријатијата „Водовод и канализација“ и „Паркови и зеленило“, а сега само имаме издвојување и прикажување на оваа ставка, велат од градот.

Од Регулаторната комисија, пак,  се прогласија за ненадлежни за оваа давачка. Велат тие само ја определуваат тарифата за вода, која не е конечна, туку предлагаат минимална и максимална цена за вода, а советите на општините ја утврдуваат крајната цена за граѓаните. За во иднина да нема вакви забуни, по корона кризата Регулаторна ќе покрене иницијатива за целосно да ги определува тарифите за водни услуги, а не советите на општините, најави претседателот Бислимовски.

До октомври на сметките за вода имаше само ставки за потрошената вода и за ѓубрарина. Веќе во ноемвриските станаа видливи и оние за одржување на градското зеленило, со што на голем број граѓани драстично им пораснаа сметките.

Translate »