Сиљановска: Ако не влезам во вториот круг, ќе гласам за Река
Гордана Сиљановска-Давкова, кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денес по искористеното демократско право за гласање изјави дека очекува да влезе во вториот круг, но нагласи дека доколку тоа не се случи, ќе гласа за Блерим Река, поради, како што рече, неговата стручност и компетентност. За кампањата што таа ја водеше пред изборите, рече дека е се обидела да ја обои женски со знаење и посветеност.
„Ова се посебни избори не затоа што јас сум кандидатка и затоа што за прв има жена кандидат за претседател, туку заради условот. Имено, ние треба да го докажеме европскиот, реформски, демократски капацитет и со фер и демократски избори. Тоа не е многу вообичаено во 21 век, но се надевам дека ќе излеземе конечно од транзицискиот лавиринт и ќе влеземе во демократската транзиција. Кампањата се обидов да ја обојам женски со знаење, со посветеност, со аргументи, да докажеме дека ние жените имаме посебни квалитети и посебен начин на менаџирање на проблемите. Мислам дека беше успешна и очекувам да влезам во вториот круг. Но, доколку се случи да не влезам, ќе гласам за господинот Река заради стручноста, компетентноста и граѓанската организација“, изјави Сиљановска.