Славој Жижек ќе биде гостин на овогодинешниот Golden Drum!
Фестивалот на креативноста Golden Drum, кој оваа година ќе се одржи по 26-ти пат во словенечкиот град Порторож на 17 и 18 октомври, објави дел од имињата на овогодинешните говорници. Со голема возбуда организаторите информираат дека гостин на фестивалот ќе биде и еден од најпопуларните и најпубликувани филозофи на денешницата – Славој Жижек.
Жижек е редовен професор на Универзитетот во Љубљана, почесен професор на Кујунг Хи Универзитетот во Сеул и актуелен меѓународен директор на Инситутот за хуманистички науки Birkbeck при Лондонскиот универзитет. Тој е познат по комбинирањето на класичната германска филозофија со психоаналитичката школа на Жак Лакан, коментирајќи на постојано актуелни теми од областа на политиката, психоанализата и популарната култура со доза на уникатен хумор во неговиот препознатлив провокативен стил.
Покрај Славој Жижек, како говорници на овогодинешното издание на Golden Drum беа најавени и Жанет Лиендо и Алваро Родригез.
Жанет Лиендо е постар потпретседател и директор за маркетинг и комуникации во MasterCard Europe. Таа има долгогодишно богато искуство на четири континенти, работејќи и за други големи брендови како Microsoft и Philips.
Алваро Родригез е генерален извршен директор и извршен креативен директор на агенцијата Fullpack од Бразил. Во неговата 23-годишна кариера, Родригез има освоено 26 кански „лавови“ и бил дел од професионалните жирија на голем број креативни фестивали ширум светот. Оваа година тој ќе биде и претседател на жирито во категоријата “WHY” на Golden Drum.
Рокот за пријавување на кампањи за 26-то издание на Golden Drum трае до 10 септември.