Во вилата Дихово под Пелистер нема ценовник, гостите плаќаат онолку колку што уживале!

„Дојди како гостин, а замини си како пријател“, е мотото на домаќините во вилата Дихово, која лежи во шумите под Пелистер. Старата камена куќа, околу која се протега огромно зелено пространство, прошарано со разнобојни цвеќиња и децениски дрвја е парче од рајот што семејството на Пеце Цветковски го отвори за туристи од целиот свет. Сите си заминуваат пресреќни, полни со позитивна енергија, мир, задоволство и нови искуства. Престојот во природа е исклучително закрепнувачки и за душата и за телото, а гостопримството на Пеце и целото негово семејство е нешто што го паметат целиот живот.

Пишува: Сања Наумовска

„Кај нас престојот нема цена. Плаќа секој колку што смета дека треба да плати, толку колку што уживал. Мене ми е важно да заработам за да можам да ги покријам основните трошоци, сѐ друго зависи од задоволството на гостите“, вели домаќинот Пеце Цветковски и нагласува дека досега не се случило некој да не плати.

Куќата е стара неколку генерации, над 90 години, сопственост на семејството Цветковски. Пеце, кој е поранешен фудбалер, по завршувањето на активната спортска кариера, започнал со нејзино реновирање. Од тогаш, изминативе 11 години, нивното гостопримство го доживеале туристи од нашата земја, но многу повеќе од Европа, најчесто од скандинавските земји, но и од сите други континенти во светот, од Еквадор, Панама, Мексико, па до Јужна Кореа, Јапонија, Австралија, САД, Канада….Конекција со странските туристи најчесто им се светските страници за туристичко рекламирање, а вилата Дихово последните седум години соработува и со туристичка агенција од Сиднеј, Австралија.

„Туристичката агенција има одлична тура низ повеќе балкански земји, како Хрватска и Грција, а село Дихово и нашата вила се дел од турата. Туристите тука отседнуваат неколку дена, дегустираат домашна храна, пијат вино во подземната винарска визба, ја доживуваат природата на Пелистер, па продолжуваат понатаму. Нема некој што си заминал незадоволен“, раскажува Пеце.

Како резултат на добрата реклама, вила Дихово беше забележана и од странските медиуми како National Geographic, Lonely Planet и Yahoo Travel. Реномираниот туристички водич на Lonely Planet „Скриена Европа“ го препорача Дихово меѓу 50-те непознати дестинации за мирен одмор.

Престојот во селото воопшто не е здодевен. На странците толку многу им се допаѓа амбиентот што досега тука се одржале и четири свадбени свечености. Минатата година, вели Пеце, имало свадбари од Јужна Африка и од Боливија, а предходно од Шкотска и од Германија.

Гостите можат во градината на вилата да си наберат органски зеленчук и да си подготват салата или оброк. Дел од намирниците се набавуваат и од локалните производители, па се зајакнува целата заедница. Домаќинот Пеце ги гости и со домашна ракија, вино и пиво, кои самиот ги произведува. Оброците се подготвуваат според желбите на гостите, па може да се појадува и напладне, ако така сакаат. Домаќините подготвуваат домашни џемови и слатка, одгледуваат секаков зеленчук во бавчата, а за ручек се готват најпознатите македонски традиционални рецепти како мусака, полнети пиперки, гравче тавче, макала. Времето на сите им е максимално исполнето, а има многу скриени убавини кои чекаат да бидат откриени.

повеќе на
https://inovativnost.mk/2019/05/04/%D0%B2%D0%BE-%D0%B2%D0%B8%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B4%D0%B8%D1%85%D0%BE%D0%B2%D0%BE-%D0%BF%D0%BE%D0%B4-%D0%BF%D0%B5%D0%BB%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%B5%D1%80-%D0%B3%D0%BE%D1%81%D1%82%D0%B8%D1%82%D0%B5-2/

Translate »