Вардар го преживеа пеколот во Сегедин и третпат по ред ќе игра на Ф4!

Македонскиот ракометен првак Вардар доживеа пораз кај ПИК Сегед(29-25), но и покрај тоа, поради високата победа во Скопје, ќе патува на Ф4-турнирот во Келн каде влегува како последен патник.

Вардар, Барселона, Киелце и Веспрем ќе се борат за европската круна. „Црвено-црните“ имаа катастрофално прво полувреме, беа на работ на бездната, Сегед ја анулираше негативата од Скопје, меѓутоа со добар втор дел, ефикасен напад и расположен Милосављев, се дојде до пристоен пораз кој носи „виза“ за во Келн. За Вардар ова ќе биде трето учество по ред на Ф4-турнирот во Лигата на шампионите, каде веќе еднаш, во 2017 година, ја грабна европската круна.

Дуелот почна со многу агресивна игра и одбрани на голманите. Десет минути се играше без многу голови, резултатот гласеше 3-3, а Вардар ги имаше конците в раце. Се играше дисциплинирано, дури и на раб на пасивен напад, но потоа Бомбач влезе во елемент и ги искористи сите слабости на „црвено-црните“. Милосављев бранеше на стартот, но потоа немаше лек за словенечкиот репрезентативец. 

Вардар на спротивната страна промашуваше отворени напади, а ПИК Сегед ја презеде играта под своја контрола и поведе со 11-6. Пред паузата, унгарскиот тим покажа моќ, дојде и до девет гола позитива (17-8), затоа што македонскиот тим немаше погодок од 21. до 29. минута.

Стартот на вториот дел донесе рововска битка на двете страни. Секој гол беше важен, а Вардар беше нијанси подобар кога се работи за реализацијата. По 41. минута, на семафорот во Сегедин стоеше 25-17, а со два брзи гола на Карачиќ и Кристопанс, се дојде на 25-19. Наместо да се продолжи добрата серија, следеше исклучување на Шишкарев, но и ПИК Сегед стана груб, доби две исклучувања, па Вардар го искористи сето тоа и дојде на 25-21.

Следеа црни минути за ПИК Сегед, а Вардар во тој период ја комплетира серијата од 0-6. Со феноменални погодоци на Кристопанс и Скубе, но и претходни две одбрани на Милосављев, македонскиот тим имаше 26-22. Сегед ја прекина црната серија дури во 50. минута, кога погоди за 26-23, но ниту еднаш не успеа да дојде ниту близу до позитивата што ја имаше претходно. Хендикеп во финишот беше за домашните и исклучувањето на Македа, а потоа, еден нов прекршок на терен предизвика тензија и на 25 секунди пред крајот се случи инцидент. 

Најдобар кај ПИК Сегед беше Банхиди со седум гола, Бомбач постигна шест гола, а Житников уфрли пет погодока, додека кај Вардар, Игор Карачиќ имаше феноменална партија со осум гола, Кристопанс даде пет, а Дибиров заврши со четири гола.

Translate »