Изгласани законите што ги врати Иванов, прва обврска на Пендаровски е да ги потпише

Законите кои претходниот претседател Ѓорге Иванов одби да ги потпише пратениците повторно ги изгласаа со мнозинство и веќе од утре указите на законите ќе се најдат на масата на новиот шеф на државата Стево Пендаровски за потпис. Пендаровски веќе најави дека една од првите обврски по преземањето на должноста ќе му биде да ги потпише законите кои Иванов ги врати во Собранието.  Претседателот на Собранието Талат Џафери потсети дека според уставот закони кои шефот на државата одбива да ги потпише по повторното нивно усвојување тој е должен да ги верификува, но од пратениците побара законите да се донесат со мнозинство гласови.

„Досега сме ја почитувале практиката законите кои што повторно се гласаат да се гласаат со 61 глас „за“ бидејќи според Уставот претседателот на државата е обврзан да го потпише указот иако поранешниот претседател не го потпиша указот согласно уставната определба. Досега сме го почитувале тоа да има 61 глас бидејќи беше јасно дека поранешниот претседател на државата не ги потпишуваше законите кои ги усвојуваше Собранието“, рече Талат Џафери – претседател на Собранието на РСМ.

Пратениците  без дебата во процедура на трето читање ги изгласаа законите за Судскиот совет, за слободен пристап до информации од јавен карактер, за инспекциски надзор, за субвенционирање на станбен кредит, за регистрирање на готовински плаќања, за државни награди и други. Иванов не потпиша околу 30-ина закони , меѓу кои и три реформски закони од областа на судството бидејќи на нив стоеше новото име Република Северна Македонија. Во образложението наведуваше дека указите не ги потпишал бидејќи во извршувањето на функцијата отсекогаш постапувал согласно дадената свечена изјава дека ќе го штити Уставот и ќе ги брани интересите на Република Македонија.

Translate »